Search

Клоп: Стартот во 98 минута беше чист пенал за сите кои разбираат фудбал

Дербиот во 28. коло од англиската фудбалска премиерлигашка конкуренција одиграно на „Енфилд“ меѓу Ливерпул и актуелниот превак Манчестер сити заврши без победник (1:1). Од ремито профитира Арсенал кој повторно е лидер, поради подобра гол разлика од Ливерпул, а Манчестер сити останува третопласиран со бод помалку од водечката двојка. Пресметката на „Енфилд“ донесе возбудлива фудбалска престава, која на крајот наметна дилема дали имаше пенал- ситуација за Ливерпул по еден невнимателен старт на Жереми Доку во 98-та минута. Резервистот на „граѓаните“ го собори МакАлистер, по што играчот за врска на Ливерпул лежеше половина минута на земја, пред судијата Мајкл Оливер да ја прекине акцијата и да сочека инструкции од ВАР. Првичната одлука на Оливер беше дека нема елементи за пенал, па на крајот луѓето од ВАР собата решија да не ја менуваат истата, а тоа ги налути домаќините на теренот и на трибините. Повторената снимка покажа дека крампоните од копачката на Доку завршија во градите на МакАлистер и прашање е воопшто дали имаше контакт со топката, па Јирген Клоп во својата прва изјава по дербито изјавил дека неговиот тим бил оштетен за чист пенал. – Тоа беше чист пенал за сите луѓе кои разбираат фудбал на оваа планета. Тоа е прекршок и жолт картон на секоја позиција на теренот, истото важи и за шеснаесетникот. Ако сметате дека тоа не е пенал, тогаш не сте човек кој разбира фудбал. Заборавете на судиите, надминавме многу тешки ситуации оваа сезона и денеска покажавме дека сме подготвени за борба. Тоа ми се допадна најмногу од се – порача Клоп.

Треба да знаете
Последни објави