Search

Силјановска Давкова кажа дека е родена во 1953 година, но не кажа зошто во различни публикации и пишува различна година на раѓање

На гостување во подкаст кај Лазаров, Гордана Силјановска Давкова беше прашана зошто се појавуваат три различни датуми во врска нејзиното раѓање, на што одговори дека била „некоја техничка грешка по Википедии“:

„Лазаров: Да видиме која е Гордана. Јас знам дека две години…

Силјановска Давкова: Значи Гордана е родена во Охрид, на 11-ти, да повторам, може да ги проверат личните карти…

Лазаров: Кажуваат дека има три датуми. Што е муабетот со трите датуми?

Силјановска Давкова: Не знам. Еве што е веројатно, некоја техничка грешка по Википедии, и тоа знаете ќе се провлекува… Да сум јас глумица или пејачка би имало логика возраста да ја кријам. Меѓутоа, можете да отворите на страницата на собранието, можете ли мојата лична карта, даночен обврзник сум…“.

Лазаров ја праша Сиљановска Давкова дали е родена во 1955 година, како што објавија и медиумите, на што Сиљановска Давкова категорично одговори дека била родена 1953-та година:

„Лазаров: Вие сте 55-та година…

Силјановска Давкова: 53-та!

Лазаров: …е 5-та пишува. 

Силјановска Давкова: Каде пишува?

Лазаров: На Википедија.

Сиљановска Давкова: Е, на Википедија, видете, секој може да си пишува што сака. А во ова време, значи јас…

Лазаров: 11-ти мај 55-та.

Силјановска Давкова: 11-ти мај 1953-та. Да ме прашавте, ќе ви кажам.“

Меѓутоа, дали проблемот со различните години на раѓање на Силјановска Давкова произлегува од „некоја техничка грешка по Википедии“ и тоа што на Википедија „секој може да си пишува што сака“?

Силјановска – Давкова не објасни зошто во Македонската енциклопедија стои 1955, а во Венецијанска комисија 1960, а не кажа ниту дали реагирала тоа да се поправи.

Но 1955 година како година на раѓање не се појавува само на Википедија, туку и во други нејзини биографии, вклучително и на официјални страници.

На пример, во ПРИРАЧНИК ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА 2019 ГОДИНА, во биографијата на Гордана Силјановска Давкова стои дека е родена во 1955 година, и дека податоците биле преземени од нејзината тогашна веб-страница на Правен факултет.

И во „Прирачник за парламентарни избори во Република Северна Македонија 2020 година“, стои дека е родена во 1955 година.

И во официјалната биографија на Гордана Сиљановска Давкова како членка на Парламентарното собрание на ОБСЕ, стои дека е родена во 1955 година.

Во официјалната биографија на Венецијанската комисија, пак, пишува дека е родена во 1960 година.

И во „Македонска Енциклопедија“ издадена од МАНУ пишува дека Гордана Силјановска Давкова е родена во 1955 година.

Одредницата за Гордана Силјановска Давкова во Енциклопедијата на МАНУ е потпишана од Светомир Шкариќ, кој бил редактор во областа право, и е коавтор со Силјановска Давкова на книгата „Уставно право“.

Дали и нејзиниот професор и колега Светомир Шкариќ ќе биде обвинет за „некоја техничка грешка“? Дали и во „Македонска Енциклопедија“ „секој може да си пишува што сака“?

Треба да знаете
Последни објави