Search

Косовска опозиција: Владата на Курти не успева да гарантира безбедност на државата

Координаторката на Одделот за одбрана и национална безбедност во „Кабинетот за добро владеење“ на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), Беса Кабаши-Рамај ја критикува Владата на премиерот Албин Курти за „недостаток на визија и способност за гарантирање на националната безбедност и одржливо управување со одбраната“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Кабаши-Рамај на денешната прес-конференција истакна дека оваа Влада има „значителни недостатоци во разбирањето на стратешките партнерства, особено со САД“.

– Владата постојано не успева ефикасно да одговори на српските провокации и закани, да се спротивстави на руската хибридна војна и да управува со внатрешните безбедносни прашања, вклучително интегрирањето на безбедносните и одбранбените институции, зајакнувањето на националната опстојност и подобрувањето на управувањето со вонредни ситуации и системите за рано предупредување, рече Кабаши-Рамај.

Според неа, најфлагрантен пример за фаворизирање на популистички движења за стратешко безбедносно планирање е формирањето на таканаречениот „доброволен фонд за војската“, со сомнителни финансиски практики, заобиколувајќи ги стандардните буџетски процедури.

Одговорната за одбранбени и безбедносни политики во најголемата парламентарна опозициска партија во Косово оцени дека изготвувањето на стратегијата за национална безбедност е сериозно попречено од „застарените безбедносни проценки, недоследноста и лошата приоритизација“ од страна на актуелната влада.

-Законодавните иницијативи како што се предлог-законот за воено разузнавање и предлог-законот за Советот за национална безбедност покажуваат значителни пропусти, кои говорат за игнорирање на постоечките структури и еден алармантен пристап кон демонтирање на веќе постоечките институции и нивно повторно градење од нула. ПДК има за цел да развие напредна платформа за национална безбедност и одбрана за следните 10 до 20 години, фокусирајќи се на визијата, знаењето, компетентноста и иновациите, корисни за сите граѓани. Наша цел е да создадеме безбедна, агилна и стратешки позиционирана Република Косово, способна да се спротивстави на новите закани, нагласи Кабаши-Рамај.

Таа порача дека „Косово им припаѓа на неговите граѓани и како такво заслужува сигурна и надежна иднина“.

– Националната безбедност, едно витално прашање, е загрозена од актуелните владини политики. Потребна е итна акција за да се спречи дополнителна штета на безбедноста на Косово“, заклучи Кабаши-Рамај. 

Треба да знаете
Последни објави