Search

Над 30 европски медиуми го тужеа Гугл за загуба од 2,1 милијарди евра во дигитално рекламирање

Повеќе од 30 медиумски куќи, вклучително и Аксел Спрингер и Шибстед, денеска ја тужеа Алфабет, матичната компанија на Гугл за отштета од 2,1 милијарди евра, поради претрпените загуби во врска со практиките на компанијата во дигиталното рекламирање.

Медиумските куќи кои го тужеа Гугл се лоцирани во Австрија, Белгија, Бугарија, Чешка, Данска, Финска, Унгарија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Полска, Шпанија и Шведска.

„Медиумските компании вклучени во тужбата претрпеа загуби поради помалку конкурентен пазар како директен резултат на недоличното однесување на Гугл“, се вели во соопштението објавено од нивните адвокати.

Тие истакнуваат дека без злоупотреба на доминацијата на Гугл, медиумските компании би добиле значително поголеми приходи од реклами и би платиле помали давачки за рекламните технолошки услуги. Најважно е дека овие средства можеше да се реинвестираат во зајакнување на европскиот медиумски простор“, велат адвокатите. Тие, исто така, ја наведоа казната од 220 милиони евра на француското антимонополско тело против Гугл за нејзиниот рекламно-технолошки бизнис во 2021 година, како и обвинувањата од Европската комисија минатата година да ја поддржат тужбата на нивната групација.

„Доколку има некаква регулаторна контрола, Гугл можеби ќе треба да ги промени своите сегашни практики и да обезбеди поконзистентни и предвидливи цени за огласувачите“, велат адвокатите.

Портпаролот на Гугл во соопштение рече дека компанијата се противи на тужбата, додавајќи дека таа е „шпекулативна и опортунистичка“.

„Гугл работи конструктивно со издавачите низ Европа, а нашите алатки за рекламирање се приспособени и развиени во партнерство со истите тие издавачи“, рече тој.

Издавачите ширум светот во последниве години се жалат дека, поради зголемената доминација на високата технологија во рекламирањето, нивниот удел во приходите се намалува. Според аналитичарите, Гугл е најдоминантната платформа за дигитално рекламирање во светот.

Треба да знаете
Последни објави