Search

Фицо е свесен, лекарите се надеваат на позитивна прогноза

Словачкиот вицепремиер и министер за одбрана Роберт Калињак денеска соопшти дека премиерот Роберт Фицо е свесен и дека лекарите се надеваат на позитивна прогноза. Калињак повтори дека операцијата во петокот била успешна, но дека неговата состојба се уште не дозволува премиерот во наредните денови да биде префрлен од болницата во Банска Бистрица. „Последниве неколку дена во болницата во Бањска Бистрица се случија неколку чуда. Сепак, ваквата повреда е крајно исцрпувачка и се уште не е санирана. Мислам дека нема да биде возможен никаков транспорт на премиерот во следните денови“, најави тој на конференција за новинари. Тој додаде дека со премиерот комуницира само за најважните работи, но дека не е неопходно тој како вицепремиер да ги преземе неговите надлежности. Обраќајќи им се на новинарите пред болницата, Калињак посочи дека медиумите се одговорни за поделбата на општеството што резултираше со атентатот. „Многу медиуми известувањето го мешаат со клевета. Роберт Фицо долго време беше етикетиран со најлошите придавки, беше етикетиран како злобен“, вели Калињак. Наведе и дека Владата ќе продолжи да работи според програмата што ја постави Фицо. – Следната недела Владата ќе има две средби, едната редовна, а другата вонредна, посветени на европските фондови, рече тој. Министерката за здравство Зузана Долинкова изјави дека здравствената состојба на Роберт Фицo е стабилизирана, но сепак сериозна. Според неа, ова го оценил лекарскиот совет на утринскиот состанок. Вчерашната операција која траеше два часа придонесе за позитивна прогноза за здравјето на премиерот, рече Долинкова.

Треба да знаете
Последни објави