Search

Мендух Тачи: Нема да ги гласам министрите на Села

Пратеникот и лидер на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, чија партија е дел од владејачката коалиција, во изјава за ТВ 21 најави дека утре нема да дојде на закажаната седница во Собранието на која како точка на дневен ред ќе се најде предлогот за разрешување на двајцата министри од Алијанса за Албанците.

Владиниот предлог за разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација Фатмир Меџити и Азир Алиу – кадри на Алијанса за Албанците – е прва точка на предложениот дневен ред за утрешната пленарна седница во парламентот закажана со почеток во 11 часот.

Втора точка на предлог-дневниот ред на утрешната седница е владиниот предлог за именување на Илир Демири на позицијата министер за здравство и Наим Бајрами за министер за информатичко општество и администрација.

Предлогот за разрешување на Меџити и Алиу е резултат на расколот помеѓу актуелниот и поранешниот лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари и Зијадин Села околу прашањето за настапот на партијата на претстојните избори. Меџити и Алиу застанаа зад Таравари во одлуката дека партијата треба да им се приклучи на опозициските партии на Албанците на претстојните избори, додека министерот за правда Кренар Лога го поддржа Села во одлуката дека Алијанса треба да оди сама на изборите.

Засега е неизвесно дали на утрешната собраниска седница ќе има мнозинство за разрешување на актуелните и за избор на новите министри за здравство и информатичко општество. Алијанса за Албанците има осум пратеника во актуелниот парламентарен состав, а најмалку еден од нив, пратеникот Халил Снопче, му даде поддршка на партискиот лидер Таравари во одлуката за заеднички изборен настап на АА со опозициските партии на Албанците.

Треба да знаете
Последни објави