Search

За само три дена на Канарските острови пристигнале 1.000 мигранти

Повеќе од 1.000 мигранти од субсахарска Африка пристигнаа на Канарските острови со 18 чамци во претходните три дена, соопшти денеска Спасувачката служба на Шпанија, пренесоа агенциите.

Во последните неколку недели, бројот на мигранти во Канариите, кои се наоѓаат долж северозападниот брег на Африка, нагло се зголемува во обид оттаму да стигнат до Европа. Властите соопштија дека само во јануари таму пристигнале 7.270 мигранти.

Повеќето чамци со мигранти испловија од Мавританија. Шпанскиот премиер Педро Санчез и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ќе ја посетат земјата во четврток за да ги повикаат властите да ги запрат заминувањата.

Шпанија и ЕУ имаат договор за соработка со Мавританија и соседниот Сенегал за намалување на бројот на мигранти кои пристигнуваат на шпанските острови.

Министерството за внатрешни работи на Шпанија претходно соопшти дека лани на Канарските острови пристигнале вкупно 55.618 мигранти, што е речиси двојно повеќе од претходната година.

Шпанската непрофитна организација „Каминадо Фронтерас“ соопшти дека минатата година повеќе од 6.600 мигранти ги загубиле животите обидувајќи се да стигнат до Шпанија по море, што е исто така двојно повеќе од бројот во споредба со 2022 година.

Треба да знаете
Последни објави