Search

Над илјада членови на италијанската мафија моментално живеат и работат во Германија

Повеќе од 1.000 членови на една од италијанските организирани криминални организации моментално се активни во Германија, соопшти во понеделникот германското Министерство за внатрешни работи.

„Врз основа на податоците на федералните и покраинските министерства за внатрешни работи, доаѓаме до заклучок дека 1.003 активни членови на една од италијанските организирани криминални организации во моментов живеат во Германија“, се вели во соопштението за печатот на Министерството за внатрешни работи, како одговор на прашање од претставничката групата на Зелените во Бундестагот.

Од 1.003 членови на мафијата во Германија, 519 припаѓаат на калабриската Ндрангета, 134 на сицилијанската Коза ностра и 118 на неаполската Камора.

Покрај овие познати мафијашки подружници, во Германија се активни 33 членови на Стида, сицилијанска група и 37 членови на криминална организација од провинцијата Апулија, додека, како што се наведува, 162 членови на мафијата не можат да се класифицираат во која било од подгрупите.

Според соопштението, освен во трговијата со дрога, мафијата е најактивна во гастрономијата и продажбата на храна, како и во трговијата со автомобили, а кривичните дела се однесуваат на даночно затајување, перење пари и злоупотреба на стимулативни средства.

Марсел Емерих, претставник на партијата Зелени во внатрешниот политички комитет на Бундестагот, изјави дека Германија, поради се уште големото присуство на готовина во деловниот свет, е погодна за перење пари.

„Германија е перална на Европа за валкани пари“, рече Емерих.

По падот на Берлинскиот ѕид во 1990-тите, германските медиуми известуваа за зголемена активност на мафија на истокот на Германија, каде по повторното обединување имаше голема потреба од отворање ресторани, особено со италијанска кујна, а државата инвестираше милијарди во економски стимулации.

Мафијата во Германија се држи настрана од јавноста, а еден од ретките случаи кога италијанската мафија беше силно известувана се случи во 2007 година, кога во италијански ресторан во Дуизбург беа убиени шест членови на едно семејство од Калабрија.

Треба да знаете
Последни објави