Search

Дибиров: Во Скопје бевме како холивудски ѕвезди, во Загреб речиси и не ме препознаваат

Рускиот ракометен интернационалец Тимур Дибиров, кој од редовите на двократниот европски шампион Вардар се пресели кај хрватскиот првак Загреб, во разговор за порталот „Индекс“ меѓу другото во „месецот на ракометот“ се потсети на славните времиња поминати во Скопје. Русинот наместо да ја заврши кариерата во Вардар како најавуваше пред една и пол година го смени планот и се пресели во Загреб. -Многу работи се поклопија. Имав договор со Вардар и за наредна сезона, сакав да ја завршам кариерата таму, но додека бев на летен одмор стигнаа веста дека клубот е суспендиран од ЕХФ. Му реков на претседателот дека јас сум таков човек, сакам да играм на највисоко ниво, тогаш со понуда се јави Загреб, ми се јави и Чупиќ кој ми објасни каква е визијата за иднината на хрватскиот клуб. Бев добро примен во клубот, добро се чувствувам во градот, верувам дека го донесов вистинскиот избор, вели Дибиров за „Индекс“. Сепак рускиот интернационалец признава дека во Загреб го нема статусот на спортска суперѕвезда како го доживуваа во Скопје. -Скопје е специфичен град каде ракометот се сака. Во секое кафуле, училиште, на бензинска пумпа, секаде некој ќе те препознае. Она што го сторивме со Вардар е неповторливо, особено онаа втора европска титула, во оние околности… затоа тој трофеј ми е најмил во кариерата. Еден мој пријател го праша Раул Гонзалес како му е во Скопје, а тој му одговори со еден збор: Холивуд. И навистина беше така, се чувствувавме како холивудски ѕвезди, феноменална енергија, љубов, на целата држава кон клубот. Во Загреб и да не те препознаваат. Луѓето пред неколку години имаа загубено интерес за ракомет, затоа и наша главна цел, покрај резултатите е да ја вратиме публиката на трибините, споредува Дибиров.

Треба да знаете
Последни објави