Search

ВМРО-ДПМНЕ со стари кадри ќе бара нови гласови на изборите?

Во политичките партии веќе започна неофицијалното лобирање за пратеничките листи за парламентарните избори што ќе се одржат на 8 мај оваа година.

Секој партиски функционер си има своја математика за претстојните избори, но освен да се биде на пратеничка листа, важно е и редниот број да биде што помал, за да се има поголеми шанси да се стане пратненик.

Во опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ деновиве веќе излегуваат првични инфомарции за тоа кој ќе ги предводи изборните листи по изборни единици. 

Во првата изборна единица почесното место е резервирано за шефот на партијата, Христијан Мицкоски информација што самиот тој ја потврди, а таму ќе се соочи со лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски кој исто така бил носител на листата на СДСМ и коалицијата.

Во втората изборна единица ВМРО-ДПМНЕ со носител најверојатно ќе оди со Владо Мисајловски, актуелен пратеник, поранешен министер и близок соработник на Мицкоски. 

Во третата изборна единица носител најверојатно би бил Игор Јанушев иако се спомнува и името на пратеникот Драган Ковачки доколку не се случи своевидно изненадување тој да стане министер за внатрешни работи во преодната влада. 

Четвртата изборна единица традиционално е резервирана за потпретседателот на партијата Александар Николовски, додека енигма е петтата изборна единица, а во „шестка“ листата би ја предводела Дафина Стојаноска. 

Како што дознаваме, високи позиции на пратеничките листи ќе имаат доста актуелни пратеници како координаторот Никола Мицевски, Бојан Стојаноски, Ане Лашкоска, Антонијо Милошоски, Благица Ласовска, Ели Панова…

Ако овие информации се потврдат, тогаш пратеничките листи, особено носителите нема да бидат многу поразлични од оние на изборите во 2020, а меѓу 120те имиња ќе има и доста идентични и со пратеничките листи на изборите во 2016 година. 

Процесот на номинација на кандидати за пратеници и финално изгласување на пратеничките листи во двете најголеми партии е обемен и сложен процес, но веќе следниот месец ќе има појасна слика за тоа кој со каква кадровска понуда ќе излезе пред граѓаните. 

Треба да знаете
Последни објави