Search

Пропадна уште еден тендер за Чебрен, допрва ќе се одлучува како да се изгради овој стратешки објект

Грчката компанија „Архиродон“ која требаше да ја гради хидроцентралата „Чебрен“ на Црна Река не успеала да обезбеди кредитни средства за изградба на овој капитален објект, со што и овој 14.ти по ред тендер за изградба на хидроцентралата пропадна. Владата допрва ќе одлучува дали ќе се оди со нов тендер или ќе се направи обид да се обезбедат средства самостојно да го изградиме овој стратешки енергетски објект.

Според Каја Шукова, министер за животна средина, тендерот пропадна бидејќи  понудувачот не достави продолжување на банкарската гаранција, со што понудата веќе не важи.

„Знаете дека беше Ковид криза, потоа енергетска криза со што се променија условите на пазарот и најверојатно тоа имаше влијание во одлуката, рече Шукова која додаде  дека можеби влијание за откажување од проектот имал и притисокот од јавноста изградбата на Чебрен да не се дава на странска компанија.

Минисерката Шукова изјави дека гаранцијата во висна од 1,4 милиони евра нема да се активира бидејќи „Архиродон“ не го потпишале договорот, односно истата би можела да се активира во случај да ја повлечеле понудата.

За тоа каква ќе биде иднината на Чебрен, Шукова на денешниот брифинг со новинарите изјави дека експертите од областа на енергетиката треба да го имаат конечниот збор.

„Повеќе од дваесет години се спроведуваат тендерите за „Чебрен“. Јас сметам дека оние кои се бават со енергетика, да седнат да размислат како да се одвива овој процес понатаму. Дали повторно да се оди на тендерска постапка за концесионер или треба да оставиме да го гради државата. Јас ова би го оставила на енергетичарите, не е надлежност на министерството“, рече Шукова.

Дел од експертската енергетска јавност беше против тоа странска компанија да ја гради хидроцентралата  и бараше тоа да го стори државата. Изградбата на хидроелектрана „Чебрен“ е стратешки проект бидејќи  може да придонесе кон транзиција кон производство на струја од обновливи извори на енергија.

Треба да знаете
Последни објави