Годината што измина во Охрид секако може да се издвои како една од подобрите кога станува збор за севкупната туристичка посетеност.
Можеби бројките за тоа колку гости дошле во градот дали на летување, дали на продолжен викенд или пак на еднодневна посета и не покажуваат некаква блескава сезона, сепак, ситуацијата на терен односно самите граѓани се сведоци дека 2024 година, особено летниот период градот беше доста добро посетен и што е можеби најважно, главната туристичка сезона траеше значително подолго отколку претходните. Гости и туристи во градот имаше уште од април па се до пред еден месец.
Најчесто тоа беа организирани групни посети, дел од нив со гости само на ноќевање или две. Сепак, главните улици низ градот беа исполнети со туристи, најпознатите туристички атракции и локации одредени денови беа претесни да ги примат заинтересираните посетители.
Причините за тоа се повеќеслојни, но вреди да се споменат некои од нив. Причина за зголемената посетеност охриѓани гледаат, меѓу другото, и во завршувањето на неколкугодишните рестрикции за патувања наметнати со фамата Ковид-19. Покрај за останатите, после неколку години, Охрид повторно стана достапен за нашинците од прекуокеанските земји, најмногу оние од Австралија и Нов Зеланд кои можеби не се параметарот што ја детерминира туристичка посетеност, но нивниот број секако не е за занемарување, дотолку повеќе што тие важат за добри потрошувачи односно посакувани гости во угостителските објекти…
Како причина повеќе за добрата посетеност субјектите што работат во областа на угостителството и туризмот ја посочуваат и севкупната геополитичка состојба во светот. Несигурноста во иднината, каде тоа оди светот со новоотворените воени жаришта и стравувањата од економска криза како да ги натера луѓето да подзаборават на чипчење, штедење и малку повеќе од заработеното да издвојат за некое патување. Во Охрид ова лето видовме туристи од целиот свет, од дестинации што не се карактеристични за минатите времиња, дури посетители од далечни азиски земји…
Секако, и ова лето најбројни беа гостите од соседството, со тоа што најмногу гости имаше од Турција и тоа секој охриѓанец добро го знае и ќе го потврди.
За волја на вистината мора да се посочи и фактот што независно од критикувањата што се појавуваа по социјалните мрежи и некакви вести лиферувани од непроверени извори за астрономски цени на услугите, сепак Охрид е далеку поприфатлива дестинација кога станува збор за цените… Секој добронамерен, реален гостин ќе каже дека Охрид воопшто не е скап како што поединци се обидуваат да го прикажат. Впрочем, најдобра потврда за тоа се самите туристи, кои без исклучок не се имаат пожалено дека премногу платиле за нешто во градот. Случаи на измама, на наплата повеќе за услуга или можеби за дрскост на такси-превозник има, но тоа не е правило туку повеќе исклучок. Повеќе се тоа изолирани случаи што ја урнисуваат добрата слика што треба да ја остава туристичка дестинација со реноме какво што заслужува Охрид, со сите атрибути што ги поседува за таква титула, но не се тоа параметри што го креираат финалниот имиџ. Веројатно многу помалку внимание кај луѓето привлекуваат позитивните случаи и добрите искуства на туристите. За тоа потврда се бројните написи и објави, видеа со пораки, како од блогери, јутјуб инфлуенсери, дури и текстови во специјализирани магазини и списанија што обработуваат далеку поаналитички издржани теми од областа на туризмот како компленска стопанска дејност. Објави дека Охрид е дестинација што под обврзително вреди да се посети имаа и некои од најреномираните светски информативни агенции и веб-порталите на најпознатите светски новински куќи.