Search

Спасовски подели новогодишни пакетчиња на децата од Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Скопје

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во рамките на проектот „Отворен кабинет” како дел од концептот „МВР за ГРАЃАНИТЕ”, беше домаќин на децата од Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Скопје.

Децата, заедно со нивните воспитувачки, прво ја посетија зградата во која се наоѓа Кабинетот на министерот за внатрешни работи, при што во салата за состаноци беа пречекани од министерот Спасовски. Изразувајќи огромна благодарност за нивната посета и посакувајќи им топло добредојде, министерот Спасовски им појасни дека во салата  заедно со раководството ги одржува своите состаноци, но и средби со министри од други ресори, амбасадори, странски делегации итн.

„Драго ми е што денеска имаме можност заедно да споделиме убави желби пред новогодишните празници. Сега е период во кој што си споделуваме внимание, љубов и по некој подарок”, истакна министерот Спасовски, упатувајќи им охрабрувачки пораки да продолжат да бидат добри луѓе.  

Од страна на воспитувачките беше изразена огромна благодарност за приемот и овозможената средба на децата со министерот Спасовски кој го познаваат преку медиумите.

Воспитувачките открија дека пред посетата, дечињата имале дилема дали воопшто да дојдат во МВР, бидејќи сепак, станува збор за полиција. Притоа,  им било објаснето дека полицијата е пријател со добрите луѓе, какви што се, впрочем, и тие, на што министерот надополни дека полицијата е токму чувар на безбедноста на добрите луѓе.

„Вие нема за што да се грижите, ние ве поканивме и ве очекувавме тука со отворено срце, со многу љубов за да се запознаете со опремата со која полициските службеници секојдневно работат, а тие ни се пријатели на сите нас”, додаде министерот Спасовски.

Децата имаа можност да се запознаат со дел од опремата на сообраќајната полиција при Министерството за внатрешни работи, кој беше презентиран во кругот на министерството, при што се забавуваа дружејќи се и фотографирајќи се со опремата и полициските службеници.

Министерот за внатрешни работи Спасовски на децата и младинците од Заводот за рехабилитација во Скопје, пред нивното заминување од неговиот кабинет, им подели новогодишни пакетчиња и репрезентативен материјал од МВР.  

Треба да знаете
Последни објави