Search

ОН повикаа на спасување 185 мигранти од брод во Индискиот Океан

Обединетите нации повикаа на спасување на 185 луѓе, главно жени и деца, од брод во неволја во Индискиот Океан. Околу 70 лица на бродот се деца, додека 88 се жени, се наведува во соопштението на Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР), во кое се додава дека бродот се наоѓа во близина на Андаманските и Никобарските острови, во Индискиот Океан.

„Најмалку десетина од нив се во критична состојба, а се верува дека едно лице починало“, се вели во соопштението и се додава дека многумина би можеле да загинат доколку не бидат спасени навреме.

Неименуван портпарол на УНХЦР изјави дека контактирале и ги повикале сите власти во крајбрежните земји во регионот да ги спасат мигрантите за кои се верува дека се Рохинџи.

Околу 740.000 Рохинџи заминаа пред неколку години во соседен Бангладеш, бегајќи од кампањата за етничко чистење во Мјанмар.

Според УНХЦР, повеќе од 2.000 Рохинџи, многу од нив бегалци во Бангладеш, тргнале со брод кон Индонезија или Малезија во 2022 година. Неколку стотици од нив загинаа или се исчезнати.

Рохинџите, кои се муслимани по религија, се сметаат за странци во Мјанмар бидејќи нивното државјанство не го признава владата на таа земја, каде што 95 отсто од населението се будисти.

Треба да знаете
Последни објави