Search

Шефот на Арапската лига: Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за Газа е „задоцнета и несоодветна“

Генералниот секретар на Арапската лига Ахмед Абул Геит денеска ја критикуваше резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за зголемување на хуманитарната помош за Газа, нарекувајќи ја „задоцнета и несоодветна“, јави ДПА, цитирајќи египетски медиуми.

По неколкудневна дебата, Советот за безбедност на ОН вчера усвои резолуција со која се бара поголема хуманитарна помош за цивилите во Газа.

Членовите на Советот се согласија за значително омекнат текст, благодарение на кој САД гласаа „воздржани“ наместо да наложат вето, како што постапија со друга нацрт-резолуција.

Абул Геит рече дека резолуцијата е усвоена предоцна и не повикува на целосен прекин на огнот во густо населената енклава.

„Резолуцијата е обид да се спречи гладот во Појасот Газа и да се спасат луѓето, главно жени и деца, од катастрофалната ситуација, но не е доволна да се запре израелската агресија, а исто така не вклучува повици за прекин на огнот“, рече Абул Геит.

„На Газа не и е потребна само хуманитарна помош, туку главно и е потребна заштита на цивилното население од постојаното бомбардирање и прогласување одржлив прекин на огнот“, додаде тој.

Резолуцијата, која е обврзувачка според меѓународното право, го повикува Израел да овозможи „итна, сигурна и непречена испорака на хуманитарна помош во дефинирани размери директно до палестинското цивилно население низ појасот Газа“.

Треба да знаете
Последни објави