Најмалку 100 слонови загинаа во националниот парк во Зимбабве поради суша

Најмалку 100 слонови угинаа поради суша во изминатите неколку недели во Хванге, најголемиот национален парк во Зимбабве.

Властите на Зимбабве предупредуваат дека повеќе слонови би можеле да умрат бидејќи прогнозите укажуваат на недостиг на дожд и пораст на температурите во делови од земјата во јужна Африка, вклучително и во националниот парк Хванге.

Телата на мртвите слонови се „застрашувачки индикатор“ за она што властите за дивиот свет и групите за застапување го нарекуваат „влијанието на климатските промени и временскиот феномен Ел Нињо“.

Меѓународниот фонд за благосостојба на животните предупреди дека слоновите и другите животни се загрозени.

„Ел Нињо ја влошува и онака страшната ситуација“, рече портпаролот на Управата за национални паркови и диви животни на Зимбабве, Тинаше Фараво.

Фараво нагласи дека најпогодени се младите, старите и болните слонови, кои не можат да патуваат на долги растојанија за да најдат вода и посочи дека слон со просечна големина треба да внесува околу 200 литри вода дневно.

Властите во Зимбабве стравуваат од повторување на 2019 година, кога повеќе од 200 слонови во Хванге умреа за време на силна суша.

Националниот парк Хванге е дом на околу 45.000 слонови, како и повеќе од 100 други видови цицачи и 400 видови птици.

Треба да знаете
Последни објави