Search

Орбан: Унгарија се уште може да го запре процесот на пристапување на Украина во ЕУ

Унгарскиот премиер изјави дека Унгарија не ставила вето на вчерашната одлука на Европскиот совет за отворање на пристапните преговори со Украина, туку дека ставила вето на 50 милијарди евра финансиска помош за таа земја.

Орбан во интервју за унгарското државно радио рече дека се обидел да ги убеди другите лидери на ЕУ да не го ставаат на дневен ред прашањето за пристапните преговори на Украина, но дека е невозможно да ги убеди, пренесува МТИ.

Според него, нивниот одлучувачки аргумент бил дека Унгарија нема да загуби ништо, имајќи предвид дека последниот збор за членството на Украина го имаат националните парламенти, вклучително и унгарскиот.

Премиерот рече дека претстои долг процес пред прашањето да стигне до парламентите.

Одлуката за почеток на преговори со Украина ја оцени како многу лоша.

„Ова е лоша одлука, не требаше да оди во оваа насока, совеста на Унгарија не е оптоварена со оваа лоша одлука, а процесот може да се запре на половина пат“, додаде Орбан, пренесува порталот „index.hu“.

Според него, имало долга и тешка дискусија

„Осум часа ги убедував да не го прават тоа. Ме замолија да не ги попречувам“, рече унгарскиот премиер и изјави дека не сака да учествува во донесувањето на таа одлука, па наместо тоа, излезе кога беше гласањето.

Орбан рече дека Унгарија „нема да ги плати финансиските и економските трошоци“ за таа одлука, но дека трошоците мора да ги сносат оние што ја донеле таа одлука.

Тој повтори дека не е во интерес на Унгарија, Европската унија да зема заеми за финансирање помош за Украина.

Според неговото мислење, на Киев не треба да му се помага со оружје, туку треба да се прекине војната.

„Потребни се прекин на огнот и мировни преговори“, посочи Орбан.

Тој изјави дека почетокот на преговорите за пристапување на Украина „сам по себе нема да им наштети на интересите на Унгарија засега“, но финансирањето на Украина со заеми „веќе претставува непосредна штета на интересите“ на Унгарија.

Унгарија блокираше 50 милијарди евра помош од ЕУ за Украина, само неколку часа откако Европскиот совет одлучи да ги започне пристапните преговори со таа земја.

„Резиме на вечерашната средба: вето за дополнителни пари на Украина“, напиша унгарскиот премиер Виктор Орбан на мрежата Х, по состанокот на Европскиот совет во Брисел.

„Ќе се вратиме на ова прашање следната година по соодветна подготовка“, додаде Орбан.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно истакна дека без финансиска поддршка од Запад, Киев речиси сигурно ќе ја загуби војната со Русија и бара нова рунда европска помош од 50 милијарди евра.

Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека има уште време и дека Украина нема да остане без пари во следните неколку недели, пренесува Би-би-си.

Треба да знаете
Последни објави