Search

Граѓаните подолго време чекаат, отколку што се возат, автобусите на ЈСП доцнат и по 40 минути

Веќе извесно време граѓани на социјалните мрежи се револтирани и се жалат од лошото функционирање на јавниот превоз во Скопје. 

Автобуси на ЈСП доцнат и по повеќе од 40 минути, брзо се преполнуваат, па и оние автобси што возат често пати не застануваат на постојките за да не се качат нови патници, туку застануваат меѓу постојките за некои од патниците да се симнат од автобусот. 

„Чекам на постојка, 9ка со полупразен автобус не застанува и возачот покажува со рака дека иде друг позади него.. Другиот после цели 15 минути полн со патници не застанува и пак покажува дека иде друг позади него и на крај тој третиот го нема…“ револтирано пишува корисник на социјалната мрежа Х (твитер).

„Доцнат автобуси, или ги нема воопшто. Да наполниш картичка, ако имаш среќа да им работи некоја од трафиките. Пред неколку дена, 19ка самоволно ја преместиле кај постојката позади Сити Мол, ни известување, ни бутур! А луѓе чекаат, се мрзнат, се фрустрираат. Жалосни сме“ пишува друга корисничка. 

Негодување граѓаните искажуваат и на официјалните профили на ЈСП на социјалните мрежи, но засега без никаков ефект.

Граѓаните го искажуваат својот револт

И на автобуските постојки, граѓаните се нервозни и лути, особено оние што се возат со линиите „5“ и „4“ каде евидентно е редуцирањето на линиите, односно од објавениот распоред вози секој втор автобус. 

„Пред деној ден автобусот што требаше да тргне од тука во 7.05 сабајле не дојде, не дојде ни тој во 7.20, на крајот дојде тој во 7.35 и беше преполн иако ова е само трета станица и нормално не можеше да се седне и нормално дека по којзнае кој пат задоцнив на работа“ коментира патничка од Ѓорче Петров.

„По 17 часот попладне можеме да заборавиме на „Четврока“ па јас кој живеам во Хром се качувам во „Двојка“ или „21“ и потоа од Влае пешачам до Хром“ вели жител на истоимената населба.

„Може ќе се качиш, ама дали ќе погодиш каде треба да се симнеш“

Освен на доцнењето и гужвите, граѓаните се жалат и на тоа што во речиси сите автобуси, освен во најновите, воопшто нема греење, дека во некои автобуси не можат ништо да видат низ прозорците кои се облепени со реклами, па мора на памет да ги учат станиците за да знаат каде да се симнат, а неретко се случува возачот и воопшто да не застанува на некоја станица и да застане дури на наредната. 

Градоначалничката Данела Арсовска локалните избори ги доби на клучното ветување за бесплатен јавен превоз, но по две години од нејзиниот мандат, не само што нема јавен превоз, туку и оној постоечкиот едвај функционира. 

Нефункционирањето на јавниот превоз, примора многу луѓе да се откажат од автобусите и да ги користат своите возила што создава уште поголем сообраќаен метеж и буквална „борба“ за слободно паркинг место.

И додека расте револтот, сите чекаат што Арсовска ќе одлучи околу проектот за БРТ за кој многумина веруваат дека е единствен спас за јавниот превоз во Скопје.

Треба да знаете
Последни објави