Интервју со Богоев: Во 2024 воведуваме систем за препознавање регистарски таблички и боди-камери за цариниците на најфрекветните гранични премини

Директоре Богоев, неодамна бевте во посета на Јужна Кореа, земја која е лидер во е-трговија и постојано воведување и унапредување на нови технологии во царинското работење. Таму потпишавте и меморандум со кој нашата Царина доби пристап до фонд од 10 милиони долари. Какви конкретни придобивки ќе добие македонската Царина од оваа соработка со Кореа?

Првично со Република Кореја кај нас потпишавме Меморандум, во чии рамки се доделени 4,8 милиони долари за развој и имплементација на систем за анализа на ризик и податочен склад. За да се види значењето на овој систем за развојот на Царинската управа, треба да се има предвид дека петте царинарници во рамки на царинската управа на годишно ниво обработуваат над еден милион увозни, извозни и транзитни декларации. Овие податоци се контролираат од царинските испостави, но истите може да подлежат и на постконтрола во рамки на Одделението за контрола на трговските друштва во Секторот за контрола и истраги.

Со грантот од Република Кореја ќе се имплементира податочен склад и систем со вештачка интелигенција кој ќе ги влече податоците за оние декларации каде има висок ризик од погрешно декларирање на вредноста на стоката. На пример, ако имаме случај кога при пораст на цени на горива, фирма што во континуитет увезува дизел гориво одеднаш врши увоз на базно масло, тогаш системот што ќе го имплементираме со овој грант, ќе алармира дека тој случај треба да се разгледа.

Во рамки на посетата на Корејската царинска служба, лично видовме како функционира еден ваков систем во една модерна царинска управа. Важно е да се истакне дека доделувањето на грантот од 4,8 милиони долари следеше по неколку месечна анализа на работењето на нашата управа, по што беше одлучено дека како лидери во регионот, грантот треба да ни биде доделен токму нам како Царинска управа на РС Македонија. Ова беше причината да потпишеме нови меморандуми за пристап до дополнителни 10 милиони долари за развојни проекти.

Предложивме развојни проекти во неколку области. Една од нив е унапредување на царинските постапки во прекуграничната е-трговија во чија област Царинската служба на Кореја има огромно искуство.

Прекуграничната е-трговија се зголемува во огромни размери, поради што потребно е унапредување на политиките се со цел остварување поголеми приходи и поголема безбедност. За граѓаните е значајно што ваквите политики ќе придонесат за намалување на административните трошоци за обработка на царинските декларации од страна на поштенските оператори, а ќе се скрати и времето за испорака. Едноставно кажано, граѓаните ќе добијат повисоко ниво на услуги, со што ќе се реши предизвикот во делот на наплата на дополнителни трошоци, односно индиректни трошоци што се наплатуваат при царинењето.

Истовремено, зајакнувањето на контролите на поштенските пратки преку користење на вештачка интелигенција која ќе користи голема база на податоци за селекција на сомнителни пратки, ќе овозможи поголеми приходи во Буџетот и поголема безбедност на пратките.

Во Република Кореја ја посетивме царинската испостава на меѓународниот аеродром „Инчеон“ каде разменивме искуства во делот на царинење на поштенските пратки. Од нивна страна  беше презентиран тамошниот терминал за царинење на поштенски пратки во е-трговијата, контролниот центар од каде се набљудува скенирањето на пратки испратени преку компаниите за брзи пошти, како и на АПИС центарот за контрола на патници преку користење база на податоци и анализа на ризик.

Царинските органи се првата линија во борбата со недозволената трговија, организираниот криминал и шверцот. Притоа, еден од најголемите предизвици во моментов е поголема контрола на малите пратки во рамки на е-трговијата. Оттаму, соработката со меѓународните институции во чии рамки се склучија и договорите со Кореја е од големо значење за нас.  

Потпишавте и Работен план за соработка со Трезорот на САД. Која ќе биде улогата на Царинската управа во реализацијата на овој план и какви ефекти и придобивки може да очекуваме?

Зајакнување на капацитетите за управување со јавните финансии, сузбивање на сивата економија и корупцијата се трите најзначајни придобивки на Работниот план што во јули го потпишавме заедно со директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска и директорката за приходна политика и администрација при Трезорот на САД, Парвина Шамсиева Кохен. Договорот беше потпишан во присуство на министерот Бесими, кој даде значаен придонес за отпочнување на реализацијата на овој проект.

Активностите коишто се предвидени со Планот ќе ја зголемат способноста на државата да генерира повисоки и посигурни приходи, што ќе ја зголеми можноста Владата да испорача јавни добра што ќе го поддржат растот на економијата. Ова значи повеќе пари за здравство, за нови градинки и училишта, за подобра инфраструктура. Воедно, ќе овозможат олеснување на трговијата и непрекинат проток на стока преку зголемена дигитализација на процесите, што ќе овозможи подобрување на условите за водење бизнис. 

Крајно, активностите дефинирани во Планот, треба да придонесат за сузбивање на корупцијата, што ќе се овозможи преку детектирање механизми за поголема контрола. Ова се едни од главните аспекти за развој на државата и ќе работиме посветено на остварување на целите кои ги поставуваме со овој Работен план.

Како царинска управа, во рамки на проектот со експертска помош од Трезорот на САД, во изминатиот период работиме на зајакнување на институционалните капацитети за спроведување ефикасни контроли и управување со ризиците во царинското работење. Ова се клучни области коишто ќе овозможат елиминирање на сивата економија и корупцијата, како едни од највисоките приоритети на Царинската управа, што ќе генерира повисоки приходи во Буџетот.

Кога говориме за експерти од трезорот на САД, станува збор за експерти од Царинската служба на САД, даночни експерти и експерти во делот на сајбер безбедноста кои имаат повеќе од 30 години искуство. Преку размена на искуства и практики заедно работиме на детектирање на слабите алки, по што ќе се преземат конкретни мерки и активности се со цел нивно надминување и подобрување на ефективноста на Царината.

Во период кога се одвива скринингот и кога се очекува отворање на Кластерите, една од институциите која ќе има важна улога во преговорите со ЕУ е и Царинската управа. Колку Царинската управа е подготвена да придонесе државата побрзо да ги заврши преговорите со ЕУ?

Од аспект на важноста на Царинската управа во процесот за пристапување во ЕУ многу е важно следново – Пристап до единствениот пазар на ЕУ, но за да имаме пристап до него првенствено треба да овозможиме пристап до Царинската унија. Нашите заложби се токму во оваа насока.

Целосно поврзување со Царинската Унија на Европската Унија значи усогласување со законодавството и целосна имплементација на сите ИТ системи за е-царина. 

Од аспект на следење на европските регулативи имаме висока усогласеност на нашето со законодавството на ЕУ што e нотирано и во извештајот за напредокот на РС Македонија. Имплементиран е дополнителниот протокол на ЦЕФТА за олеснување на трговијата, а унапреден е и концептот за овластен економски оператор. Царинската тарифа од 2023 година исто така е усогласена за да ги одрази најновите промени во Комбинираната номенклатура на ЕУ. Согласно препораките, сериозно сме посветени на реализација на клучните проекти се со цел побрз пристап во Европската унија.

Во моментов интензивно работиме на имплементација на новиот национален едношалтерски систем кој ќе овозможи завршување на сите процеси за царинење од едно место. Имплементацијата на овој систем е дел од Проектот на Светска банка за забрзување на транспортот и трговијата во Западен Балкан.

Истовремено, согласно Царинскиот законик на Унијата и Заедничката транзитна постапка работиме и на имплементација на новиот компјутеризиран транзитен систем – НКТС 5, што во пракса значи нова верзија на системот за транзит со подобрени функционалности, согласно европските спецификации.

Воедно работиме на модернизација на постојните премини како и на отворање нови премини – Клепало со Бугарија и Маркова нога со Грција, за што се обезбедени средства од ЕУ, што ќе овозможи забрзан проток на стоки, и зголемување на конкурентноста на македонските компании.

За сузбивање на сивата економија и корупцијата, покрај мерките што ги преземаме во рамки на соработката со Трезорот на САД, работиме на проект преку кој следната година ќе биде поставен комплетно нов систем на камери со софтверски систем што ќе ги обработува податоците за препознавање регистарски таблички, за што се обезбедени средства од Светска банка. Контролата на работата на цариниците на најфреквентните гранични премини ќе биде значително зајакната по донацијата на програмите на САД за боди камери.

Овие проекти, но и зајакнатите контроли што ќе се спроведуваат во рамки на новоформираниот Сектор за посебни истражни мерки, ќе ја сузбијат корупцијата. Тоа е една од главните приоритети за влез во Европската Унија – нула толеранција кон корупцијата и организираниот криминал. 

Често велите дека Царинската управа треба да биде ефикасен сервис на стопанството. Што конкретно преземате за тоа навистина да биде така?

Пред бизнис заедницата ветив унапредување на Царинската управа која треба да делува како ефикасен сервис на македонското стопанство. Ова подразбира спроведување на мерки во рамки на политиките за: олеснување и забрзување на трговијата, генерирање повисоки и посигурни приходи во Буџетот, и сузбивање на сивата економија и корупцијата. Овие мерки ќе резултираат со зголемена економска конкурентност и подобрување на економските перформанси на компаниите.

За таа цел ја подигнуваме Царинската управа на повисоко ниво преку целосна хармонизација на царинското законодавство со европските регулативи, со што ќе овозможиме подобра заштита на граѓаните и општеството и поддршка на меѓународната трговија.

Интензивно работиме на воспоставување на Новиот едношалтерски систем кој ќе функционира како нов граничен „бизнис хаб“ при што целиот увоз, извоз и транзит ќе се одвива „под еден покрив“. Овој систем ќе им овозможи на економските оператори да доставуваат податоци на едно место, наместо одделно до царинските системи и до системите на другите надлежни органи, со што ќе се постигне целта на побрз процес на царинење и намалени трошоци за компаниите.

Во моментов подготвуваме и хардверска инфраструктура за инсталација на системот НКТС-5 и воспоставување интерконекција со Брисел, со што целосно се хармонизираме со системот на ЕУ што во моментов се користи за транзитни постапки. 

Спроведуваме и конкретни активности за сузбивање на сивата економија.

Преку проектот со Трезорот на САД дефинирани се неколку компоненти коишто предвидуваат конкретни мерки и активности со чие спроведување сивата економија треба значително да се намали. Една од дефинираните компоненти е подоброто менаџирање со ризици и идентификување пратки со висок ризик што ќе овозможи поголема заштита на финансиските интереси на државата, прибирање на поголеми приходи и заштита на конкурентноста.

Истовремено, Царинската управа ги интензивира активностите за олеснување на регионалната трговија.

Прво, работиме на кампања за поголема препознатливост на бенефитите од Програмата за овластен економски оператор, особено преку договорите за меѓусебно признавање на овој статус со другите земји од регионот. Минатата недела беа одржани првите обуки за овластените економски оператори од воспоставување на овој концепт.

Сакаме да го охрабриме македонското стопанство да стане партнер со Царинската управа и да овозможиме поголеми предности за македонските компании кои се стекнале со ваков статус. Крајната цел е заштеда на време и ресурси, како и помали трошоци за компаниите, што ќе обезбеди конкурентска предност на македонското стопанство на меѓународниот пазар, повеќе работни места и повеќе приходи во Буџетот.

Второ, во моментов во рамки на ЦЕФТА изготвена е и централна база на податоци за ОЕО коишто ги имаат исполнето безбедносните барања и во моментов се работи на нејзино поврзување со царинските системи и SEED системот што го користат ЦЕФТА страните. Истото ќе овозможи идентификација на ОЕО уште пред нивното пристигнување на граничните премини, побрзо завршување на процесите за царинење и крајно побрз проток на стоките.  

Олеснување на трговијата и побрз транспорт е овозможено и преку воспоставените приоритетни ленти за имателите на ОЕО сертификат и компаниите од земјите во рамки на Отворен Балкан.

Дополнително, воспоставени се Зелени коридори за електронската размена на податоци помеѓу Царинските управи преку SEED + системот на ЦЕФТА, што овозможува забрзување на протокот, а истовремено и ефикасни контроли.

Заедничките гранични премини (one-stop-shop) кои ги воспоставивме со Србија на ГП Табановце и со Албанија на ГП Ќафасан, имаат значително влијание врз скратување на времето на чекање на граничните премини и подобрување на перформансите на македонските компании.

Ваквите конкретни активности се препознаени како од бизнис заедницата, така и од меѓународните институции. Во Извештајот на ОН за глобално истражување за дигитално и одржливо олеснување на трговијата за 2023 година кој ја оценува состојбата според условите за вршење прекугранична трговија, е нотирано дека во рамки на ЦЕФТА и Југоисточна Европа, нашата Царина има најдобри резултати, особено во делот на прекугранична бесхартиени процедури.

Во неодамна донесениот План за забрзан раст на Западен балкан се отвораат нови можности за македонската економија, но и нови обврски за институциите. Колку Царинската управа може да придонесе за подобра реализација на овој План?

Царинската управа е една од клучните институции за остварување на Планот за забрзан раст на Западен Балкан каде клучни ќе бидат две работи – економска интеграција и подобрување на условите за инвестирање.

Планот вклучува пристап до 6 милијарди евра грантови и заеми за земјите од Западен Балкан и се темели на четири столба. Првиот столб е доближување на земјите од Западен Балкан до единствениот пазар на ЕУ, а преку неколку клучни области. Дел од нив се: овозможување слободно движење на стоки и забрзан транспорт, а во коишто Царинската управа има клучна улога.

Вториот столб е продлабочување на регионалната економска интеграција во Западен Балкан во чии рамки се предвидува развој на заеднички регионален пазар базиран на ЕУ стандарди како чекор напред кон пристапувањето до единствениот пазар на ЕУ.

Третиот столб е забрзување на фундаменталните реформи и четвртиот столб е зголемена финансиска помош во чии рамки ЕУ ќе обезбеди пристап до 6те милијарди евра грантови и заеми.  

Во делот на активностите што ги преземаме во рамки на првиот столб од големо значење се веќе споменатите активности што ги преземаме во делот за олеснување на трговијата, а коишто имаат директно влијание врз зголемување на конкурентноста на македонското стопанство на меѓународниот пазар. Тоа се активностите за модернизација и реконструкција на премините, проектите во чии рамки ќе се отворат нови премини со Бугарија и Грција, новиот национален едношалтерски систем што го имплементираме во рамки на проектот на Светска банка за забрзување на транспортот и трговијата во Западен Балкан и останатите активности во овој дел.

Во наредниот период следи презентирање на проектите што ќе се реализираат во рамки на Планот каде ќе бидат предвидени и конкретните активности во нашиот дел.

Од вашето доаѓање на чело на Царинската управа секојдневно ја информирате јавноста за заплени на разновидна стока која нелегално се внесува во државата. Колку вие лично сте задоволни од ефикасноста на царинските службеници, какво е нивото на нивна опременост и мотивираност и каква е соработката со домашните и меѓународните сродни институции?

Целта на секојдневните информации до јавноста е да се зголеми транспарентноста, да се доближи работата на Царинската управа до граѓаните. Моите колеги и пред мене, и денес работат одговорно и посветено. Со нивната работа се штитат финансиските интереси на државата и безбедноста и здравјето на граѓаните. 

Секторот за контрола и истраги, мобилниот тим и царинските службеници на граничните премини се од голема важност за спречување на шверцот, недозволената трговија, пролиферацијата на оружје и муниција, како и во водењето на финансиски истраги за спречување на царински измами и спречување перење пари и финансирање тероризам. 

Во делот на соработката со меѓународните институции како и меѓуинституционалната соработка во претходниот период беа потпишани два договори, како дел од Проектот Хермес и од проектот Јустиција што ќе се спроведува од 15 декември. Во рамки на проектот Хермес на Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал, ќе биде обезбедена опрема што ќе биде поставена на царинските испостави – Пошта и Аеродром Скопје за контрола на поштенските пратки и детекција и откривање на мало и лесно оружје.

Воедно во рамки на проектот Јустиција, со МВР и основното обвинителство потпишавме трилатерален меморандум со што се овозможи дејствување на новоформираната Работна група за координација на борбата против криминалот поврзан со огнено оружје. Нејзиното делување ќе биде насочено кон зајакнување на соработката помеѓу институциите, унапредување на процесот на размена на информации и формирање „трак рекорд“ за кривичните дела поврзани со огнено оружје од отворањето на истрагата, гонење и покренување на обвинителен акт се до носење правосилна пресуда

Со цел ефикасно превенирање, идентификација, следење и сузбивање на недозволена трговија со оружје, а преку поголеми контроли, следење на состојбите, водење финансиски истраги, обезбедување докази и преземање на посебни истражни мерки се со цел сузбивање на криминалот поврзан со огнено оружје во рамки на управата се донесени Стратегија за спречување на недозволена трговија со огнено оружје и муниција 2023 – 2027, и Акционен план за 2023-2024 коишто се во надлежност на Секторот за контрола и истраги.

Царинската управа континуирано соработува со сите надлежни институции во заеднички акции, но и споделување информации. 

Освен што сте директор на Царинската управа, вие сте и потпретседател на СДСМ. Следната година е година на два изборни циклуса. Со каква понуда пред граѓаните ќе излезе СДСМ и какви се вашите очекувања од изборите?

Со оглед на достигнатите резултати на Владата предводена од СДСМ од 2017 година до денес, сигурен сум во двојна победа на изборите, на Европскиот фронт!

Ветивме просечна плата од 600 евра, во моментот просечната плата е повисока од тоа. Просечната пензија ја зголемивме за 50%, додека минималната плата ја зголемивме за 100%. Целта на СДСМ е подобар животен стандард на граѓаните, затоа во услови на криза, изминатите три години преку деветте пакети на антикризни мерки вративме 2.6 милијарди евра назад кај граѓаните и компаниите. Само за споредба Владата предводена од СДСМ со последниот пакет на антикризни мерки кај граѓаните и компаниите враќа 662 милиони евра, а Владата предводена од ДПМНЕ со проектот „Скопје 2014та“ потроши исто толку пари на стиропор. Сигурен сум дека граѓаните ја препознаваат оваа разлика. 

На изборите граѓаните ќе треба да одлучат помеѓу два концепти. Едниот, предводен од СДСМ, кој води кон европеизација и другиот предводен од ДПМНЕ и Левица кој води кон изолација. Европскиот пат е одговор на предизвиците со кои се соочуваме денес. Пристапот до европските фондови значи нова механизација за земјоделците, темелни реформи во судовите и обвинителството, инвестиции во модернизација на болниците, патиштата, училиштата и градинките. Овој концепт значи повисоки плати, пензии и подобар животен стандард. Крајна цел на концептот на европеизација е достоинствен и нормален живот во Македонија, повеќе правда, инвестиции и работни места во државата. 

Концептот на изолација кој го нудат ДПМНЕ и Левица се залага за сосема спротивното. Поклопени судови, замолчени медиуми, мизерни плати и пензии. ДПМНЕ и Левица сакаат да нѐ вратат во времето на режимот на Груевски каде што младите вадеа бугарски пасоши за да заминат од земјата, бевме скарани со соседите и изолирани од светот.

Граѓаните ја препознаваат и оваа разлика и затоа сум сигурен во двојна победа на изборите на Европскиот фронт.

Треба да знаете
Последни објави