Search

Kомисијата за жалби при Советот за етика констатира кршење на Член 1 од кодексот на новинари во објава на 24инфо.мк

Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на јавната
седница одржана на 27.10.2023 година, врз основа на примена жалбa од Богдан Илиевски ја
донесе следната:
ОДЛУКА

ЖАЛБАТА Е ОСНОВАНА
Веб порталот 24 инфо (www.24info.mk) со текстот насловен „Драма во ТВ Алфа,
Груевски барал вклучување во живо?!“ отстапува од професионалните и етички
стандарди.

ЖАЛБА
До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на 22
септември 2023 година, Богдан Илиевски поднесе жалба за текст со наслов „Драма во ТВ
Алфа, Груевски барал вклучување во живо?!“ објавен на истиот датум, 22 септември 2023 на
веб-порталот 24 Инфо (www.24info.mk).
Во жалбата, жалителот реагира на неточно и нефер известување, незастапена втора страна,
мешање на факти и мислење, вест и коментар.
Во жалбата се наведува дека не е побарано ниту едно мислење или став од било кој од
менаџментот, ниту од редакцијата, каде што работат повеќе од 20 луѓе.


ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ
Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на
Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со вебпорталот „24 Инфо“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата.
Медиумот одговори на жалбата, со тврдење дека објавената вест е објавена по добиени
информации директно од Телевизија Алфа, а редакцијата на 24инфо.мк ја објавило во
прашална форма, затоа што станувало збор за извори кои не сакале да бидат јавно посочени.
Понатаму, во одговорот се вели дека по објавата на веста, Телевизија Алфа испратила
демант, кој без никакви интервенции бил објавен во целост. Во одговорот се вели дека
менаџментот и уредништвото на телевизијата, „самите признаваат дека нивната телевизија е
отворена за телефонски јавувања од секој поединец, вклучително и екс премиерот Никола
Груевски, а „случајно или не, Груевски само три дена од написот, се вклучи во живо во емисија
на друг медиум“. Единствен превид во текстот, се тврди во одговорот, е квалификацијата на Богдан Илиевски, како „осуден па амнестиран за настаните од 27 април 2017 година“ за што веб-порталот
изнесува длабоко извинување.

ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ
Комисијата за жалби утврди дека жалбата е ОСНОВАНА и едногласно одлучи дека во текстот
се прекршени членовите 1 и 8 од Кодексот на новинарите на Македонија. Со мнозинство
гласови, Комисијата одлучи дека е прекршен и членот 4 од Кодексот.

Членовите на комисијата за жалби утврдија дека е прекршен членот 1 од Кодексот, според кој
„проверката на податоците и точноста се морални императиви на новинарството, затоа
новинарот е должен да ја провери информацијата од што е можно повеќе извори, а
најмалку два меѓусебно неповрзани извора“. Дополнително, „новинарот треба да
обезбеди втора страна, односно да им даде можност на сите засегнати страни од
новинарскиот производ да го кажат својот став. Ова особено во случаи кога новинарот
изнесува сомневања или обвинувања или кога некој е предмет на напад или критика“.
Во однос на членот 8, комисијата констатираше дека особено треба да се внимава на на
пресумпцијата на невиност при известување за настани поврзани со криминал или при
известување од судење, односно обвинетиот не смее да се прогласи за виновен пред
тоа да го направи судот. Членот 4, пак, се однесува на лоцирањето на анонимните извори, односно дек новинарот секогаш треба да биде критичен кон изворот и да ги провери доставените
информации, а во контекст на ова, особено строго треба да се проверат мотивите на
доставувачот на информации.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА

На јавната седница на 27 октомври 2023 година, членовите на Комисијата за жалби ги
разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во оспорената содржина.
Комисијата констатира дека станува збор за објавен текст во кој се тврди дека порталот „24
Инфо“ од „извори блиски на телевизија Алфа дознава дека имало драматични тензии во
медиумот предизвикани од барањето на поранешниот премиер и пребеган осуден граѓанин
на Северна Македонија, Никола Груевски“.

Во текстот се тврди дека идејата и барањето биле експремиерот Груевски да се вклучи во
живо во емисијата на Богдан Илиевски, за кој се вели дека е „осуден, па амнестиран учесник
и организатор во крвавите случувања во македонскиот парламент на 27 април 2017 година“.
Понатаму, во текстот пишува дека „внатре во редакцијата и менаџментот на телевизијата
настанала вистинска тревога околу барањето на Груевски, при што конфликтот и раздорот на
релација Груевски – Мицкоски се рефлектирал и внатре меѓу структурите на телевизијата“.
Комисијата констатираше дека ТВ Алфа има објавено демант на оваа содржина.
Во демантот, ТВ Алфа тврди дека ниту имало некакви тензии ниту имало некакви барања за
директни вклучувања во програмата. Од ТВ Алфа тврдат дека телевизијата има отворена
програма со гледачи неколку часа во текот на денот во која може да се јави секој граѓанин од
Македонија и светот и да го каже својот став, нешто што впрочем се случува секој ден. Оттука,
како што се вели во демантот, нема потреба од никакви барања за директни или вонредни
вклучувања.
Овој демант е во целост е пренесен од страна на 24 Инфо, со поставен линк, најдолу на
оригиналниот текст, со што беше заклучено дека членот 3 од Кодексот не е прекршен, односно
демантот е уредно објавен.
Сепак, комисијата едногласно одлучи дека веб-порталот „24 Инфо“ требало да направи било
каков обид да ја исконтактира и втората страна, без разлика дали тоа ќе биде менаџментот
на телевизијата или пак, директно авторот на истата, во случајов Богдан Илиевски, за да
одговорат на наводите. Дури и да не добиеле одговор од втората страна, тоа требало да се
нагласи во текстот. Да се објави демант е професионално, но сепак, комисијата сметаше дека
додека да се објави истиот, веќе едностраниот текст бил вирален и преземен од други
медиуми, па оттаму, во вакви ситуации, медиумите придонесуваат за ширење невистини во
јавноста. Според тоа, Комисијата одлучи дека во случајов станува збор за шпекулација, без
никаков обид да се провери истата. Член 1, заклучи Комисијата, е основата за барање на
вистината, која не мора да е апсолутна, но мора да биде проверена.

Во контекст на ова, дебата се разви во однос на членот 4 од Кодексот на новинари, односно
повикувањето на анонимни извори при известувањата, при што мнозинството од членовите
се согласија дека во случајов требало да биде нагласено од кои причини изворот инсистирал
на анонимност и истиот требало да биде поблиску лоциран. Дел од членовите на Комисијата,
пак, сметаа дека е непотребно поблиску лоцирање на изворот на информацијата, доколку се
обезбедени и опфатени сите извори и аспекти на темата која се обработува.

Едногласно членовите на Комисијата се согласија дека во случајот има повреда на членот 8,
кој се однесува на повредата на пресумпција на невиност, односно дека „медиумите особено
ќе внимаваат за статусот на лицата во судските постапки“. Во случајов, судската постапка за
Илиевски е прекината, па оттаму не може да се каже дека тој е осуден. Комисијата нотираше
дека во одговорот на жалбата, 24 Инфо се извинува за квалификацијата, но едногласно
сметаше дека извинувањето треба да биде упатено директно кон Илиевски, а не само во одговорот на жалбата.

Треба да знаете
Последни објави