Search

Тинејџер извадил нож во училиште, убил еден ученик и ранил друг во Северна Каролина

14-годишно момче е обвинето за убиство по нападот со нож во средно училиште во Северна Каролина во кој еден ученик загина, а друг е повреден.

Нападот се случил во понеделникот за време на тепачка во средното училиште Саутист Рали, соопшти полицијата во градот Рали, додавајќи дека напаѓачот бил ученик во училиштето. Двајца ранети тинејџери биле префрлени во локална болница, каде починал 15-годишник.

Вториот ранет ученик (16) се здобил со повреди кои не се опасни по живот, соопштија во понеделникот полициските и училишните власти, пренесува АП.

На видеото, кое е снимено со мобилен телефон, може да се видат десетици ученици како трчаат во гимназијата на училиштето додека едно лице вади оружје, кое изгледа дека е нож, и со него напаѓа двајца ученици, јавува NBC News.

Наставата и воннаставните активности во вторник се откажани, соопшти директорот на училиштето.

Началникот на округот Вејк во Северна Каролина, Роберт Тејлор, на прес-конференција во понеделникот рече дека училиштата треба да бидат безбедни засолништа за учениците и персоналот и дека ќе бидат разгледани сите безбедносни процеси и протоколи.

“Како родител, не можам да замислам да го добијам тој повик. Едноставно не можам да го замислам”, рече Тејлор.

Треба да знаете
Последни објави