Search

Блинкен попладнево пристигнува во Скопје

Во Скопје во попладневните часови се очекува да пристигне Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен кој ќе учествува на 30тиот Министерски совет на ОБСЕ

Блинкен учеството на ОБСЕ самитот ќе го почне со средба со шефот на дипломатијата и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи. Тој во Скопје треба да пристигне од Брисел, каде што учествува на Министерскиот состанок на НАТО, а по средбата со Османи, американскиот државен секретар планирано е да учествува на неформална вечера која му претходи на Министерскиот совет, кој официјално почнува утре. По Скопје Блинкен заминува за Израел.

Во најавата од Стејт департментот за посетата на Блинкен на Скопје се наведува дека тој ќе ја потврди цврстата посветеност на САД кон ОБСЕ и нејзината основна мисија за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирното решавање на спорови. Секретарот Блинкен, исто така, ќе ја истакне клучната улога на ОБСЕ во унапредувањето на сеопфатната безбедност во регионот и ќе и се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога.

Министерскиот состанок во Скопје го одбележува токму присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што го прави еден од ретките настани на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Засега нема најава за средба на Блинкен и Лавров.

Помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан на брифинг со новинарите во Вашингтон претходно изјави дека Блинкен ќе ја предводи делегацијата на САД на Министерскиот состанок во Скопје, каде со колегите од ОБСЕ ќе дискутира за поддршката за Украина, но американската страна не знае како ќе се постапи во случај на состанокот да се појави и рускиот министер за надворешни работи Лавров.

Треба да знаете
Последни објави