Search

Блинкен, големиот поддржувач на нашите евроатлантски аспирации, ја води делегацијата на САД на Самитот на ОБСЕ

Големиот поддржувач на евроатлантските аспирации на земјава, државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, ќе ја предводи американската делегација на министерскиот состанок на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) кој започнува денес во Скопје.

Блинкен ќе биде највисокиот и најзначајниот гостин кој ќе ја посети Северна Македонија наредниве денови. Посетата на Блинкен се совпаѓа со неговата турнеја низ Европа каде во период од  27 ноември – 2 декември 2023 година ќе ги посети Белгија, Северна Македонија, Израел, Западниот Брег и ОАЕ.

Во Белгија, секретарот Блинкен присуствуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, вклучувајќи го и првиот состанок на министрите за надворешни работи на Советот НАТО-Украина, каде ја истакна цврстата посветеност на НАТО кон Украина во нејзината борба против руската агресија, и ја нагласи поддршката на САД за демократијата и регионалната стабилност на Западен Балкан.

Блинкен потенцираше дека она што НАТО го работи сега е „поважно од кога и да е“.

Видовте во последните три години како НАТО истапува напред за да се справиме со предизвиците заедно.  Силно ја реафирмираме нашата поддршка за Украина која и натаму се соочува со руската агресија, истакна Блинкен .

Веднаш по министерскиот состанок на НАТО, Блинкен ќе допатува во Северна Македонија каде во рамките на Министерскиот состанок на ОБСЕ се очекува да ја потврди цврстата посветеност на САД кон ОБСЕ и нејзината основна мисија за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирното решавање. на спорови. Секретарот Блинкен, исто така, ќе ја истакне клучната улога на ОБСЕ во унапредувањето на сеопфатната безбедност во регионот и ќе и се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога во ОБСЕ и поддршката што ја дава заедно со сојузниците за Украина

Блинкен, кој веќе пристигна во Скопје, вечерва заедно со повеќе високи гости од другите земји членки и држави партнери на Организацијата ќе присуствува на неформалната вечера во рамките на Самитот, на која, како што дознаваме, не е поканет рускиот министер за надворешни работи. И покрај шпекулациите, најверојатно нема да дојде до средба помеѓу Блинкен и шефот на руската дипломатија.

Но затоа, на маргините на Министерскиот совет на ОБСЕ генералниот секретар на САД ќе има билатерална средба со министерот за надворешни работи и домаќин на Самитот, Бујар Османикаде, на која, според најавите, во рамките на стратешкиот дијалог ќе се разговара и за укинувањето на визите од САД за Македонија

Државниот секретар на САД, Антони Блинкен многу пати досега се покажа како голем поддржувач на евроатланстските интеграции на Северна Македонија. Во мај оваа година тој се сретна со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи во Вашингтон, каде ја истакна силната поддршка на САД, и важноста на пристапувањето на Северна Македонија и Регионот на Западен Балкан во ЕУ.

И тогаш, Блинкен оддаде признание и ги истакна важните придонеси и лидерство на Северна Македонија во промовирање на мирот и стабилноста на Западен Балкан и за поддршката за Украина, особено во време на претседавање со ОБСЕ. Истовремено, државниот секретарја истакна и силната билатерална соработка меѓу САД и Северна Македонија и ја истакна важноста од зајакнување на демократските институции, реформите во владеењето на правото и енергетската безбедност.

Блинкен уште еднаш ја истакна поддршката на САД за Северна Македонија во унапредувањето на заедничките демократски вредности кога при честитањето на  Денот на независноста на 8 септември ја истакна ја поддршката на Соединетите Држави за понатамошен развој на односите, просперитетот и интеграцијата на земјата во ЕУ, како и за промовирање на владеењето на правото.

„Во име на Соединетите Американски Држави, им честитам на народот на Северна Македонија што ја прославувате 32-годишнината од независноста. Соединетите Држави ја поддржуваат Северна Македонија во правењето реформи за интегрирање во Европската унија и воспоставувањето уште посилни односи со соседните европски земји. Северна Македонија направи големи чекори за да обезбеди просперитет на сите нејзини граѓани додека се соочува со глобални предизвици, и ние стоиме со вас во вашите напори да го промовирате владеењето на правото. Со нетрпение очекуваме да го зајакнеме нашето партнерство со Северна Македонија и да ги унапредиме нашите заеднички демократски вредности во годините што доаѓаат“, напиша Блинкен.

На најголемиот политичко-дипломатски настан што се случил во државава од осамостојувањето, ќе учествуваат 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на Организацијата.

На Министерскиот состанок се очекуваат одлуки за изборот на претседавач за 2024 година, за што на подготвителниот состанок на амбасадори на 57-те земји членки неделава во Виена е постигнат консензус тоа да биде Малта, а треба да се одлучува и за буџетот, како и за именувања за клучните позиции во институциите на ОБСЕ.

На самитот присуство потврди и високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, кој вчера истакна дека ќе присуствува на официјалната вечера, но потоа ќе мора брзо да се врати поради другите средби во Брисе, додека, поради  потврденото присуството на руската делегација, учеството на Самитот го откажаа министрите за надворешни работи на Украина и на балтичките земји – Естонија, Летонија и Литванија.

Извор: Цивилмедиа

Треба да знаете
Последни објави