Search

Наместо македонските банки, ЕБОР ќе обезбедува пари за млади бизнисмени

Со 9 милиони евра Европската банка за обнова и развој, доделува кредитна линија за отворање нови бизниси. Идејата е да се поддржат „зелени бизниси“ со т.н. зелени кредити.

Всушност, кредитот кој го нуди банката е претставен како заем,а истиот ќе се нуди преку една комерцијална банка во Македонија.

Разговаравме со некои европски експерти во кредитирањето, кои работат на изработување позајмици за млади бизнисмени и бизниси насочени кон „зелената“ агенда на ЕУ и ООН.

Според нив, идејата за доделување на заеми комбинирани од повеќе институции како кредитна линија е добра алатка, но истата служи и како добра можност за заработка, бидејќи заемот предвидува одредена каматна стапка.

Експертите со кои разговаравме се согласни дека македонскиот банкарски систем е добар, а банкарскиот сектор богат. Тие сметаат дека ваквите кредити кои се заеми пласирани преку европски банки, всушност треба да бидат што понезависни и обезбедени од македонските комерцијални банки со поддршка од државата.

Тие како модел споменуваат можност, Централната банка во Македонија да обезбеди посебен сегмент од 0,5% камата за издавање на вакви заеми од страна на комерцијалните банки, кои ќе можат максимално да стават два пати поголем износ на каматна стапка и од сопствени средства да ги финансираат овие проекти.

Затоа, експертите со кои разговаравме го предложија моделот, каде Владата преку НБРМ би дала заем со интерес од 0,5%, а комерцијалните банки би учествувале со интерес од 1%, со што заработката би била 1,5%, но со напомена дека сите пари би останале во државата.

На овој начин ситуацијата би била вин-вин. Но, неподготвеноста на македонскиот банкарски сектор за вакви договори е главен проблем, велат експертите кои долго време ги следат македонските банки. Тие се едногласни дека приходите на банките се многу поголеми од споредните канали на заработка, отколку разликата во каматни стапки.

За споредба тие ја даваат новата кредитна линија на ЕБОР, па тие сметаат дека за 9 милиони евра, сите заемодавци би заработиле 1% од камати, што би било околу 90.000 евра. Комерцијалната банка сигурно би додала уште најмалку 2 отсто камата, па таа би заработила околу 180.000 евра. Што значи дека за кредитот од 9 милиони евра, корисниците би требало да вратат околу 9,3 милиони евра, што значи дека вкупната каматна стапка изнесува околу 3%, без севкупните трошоци (СВТ), кои можат да достигнат и исто ниво како и каматната стапка.

Според нивните размислувања, ако Македонија е вистински подготвена да помогне на младите бизнисмени, мора да размисли за т.н. зелени кредити и т.н. зелена обврзница која би се продала на граѓаните, а средствата од истата да се искористат за поддршка на т.н. зелени бизниси развиени од млади претприемачи, со што вкупната економија би се придвижила напред.

Игор Мицкоски

Треба да знаете
Последни објави