Search

Валандер-Петровска: Ние сме и пријатели кои се обединети во една визија 

Ние не сме само сојузници, ние сме и пријатели кои се обединети во една визија за мирна и стабилна Европа, што ги следи и почитува принципите на слободата и владеењето на правото, порача помошничката на секретарот за одбрана на САД за меѓународни безбедносни работи Селест Валандер, по отворањето на 20-тиот Министерски состанок на САД – Јадранската повелба во Скопје.

Валандер, на заедничката прес-конференција со министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Скопје, рече дека САД остануваат силно посветени на политиката на отворени врати на НАТО, посочувајќи дека се горди за врската која ја споделуваат со земјите од САД-Јадранската повелба.

– На денешниот состанок разговаравме за сржта на овие идеи и идеали, нагласувајќи дека стоиме заедно со граѓаните од Украина и со тоа потврдуваме дека тоа е борба за вредностите кои сите ние ги почитуваме. Не инспирираше оваа опсежна дискусија, во поглед на унапредување и зајакнување на нашата одбранбена соработка. Станува збор за повеќе од стратегија, станува збор за нашата споделена безбедност и оформувањето на заедничката иднина, истакна Валандер.

Ангажманот и работата во рамките на А5, предавањето на претседателството на Албанија, како и мисијата на НАТО во Ирак и сите идни заеднички ангажмани, според Валандер, треба да бидат потсетник дека секој чекор, е чекор со кој мирот не е само аспирација, туку и реалност за целокупната глобална заедница.

– Силата на А5 не се мери само со зборовите кои ги кажуваме, туку и преку делата кои ги правиме. Во подготвувањето на предавањето на претседателството на Албанија за следната година, се надевам дека ќе продолжиме во духот на пријателство и соработка, што го означи нашиот престој тука, изјави Валандер.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска оцени дека интензивирањето на регионалната соработка ќе придонесе кон зацврстување на регионалната безбедноста.

– Мило ми е што првата точка во заедничката изјава која штотуку ја потпишавме се однесува токму на нашата одлучна определба на потполна европска и евроатлантска интеграција на земјите од југоисточна Европа, но и на нашата посветеност на регионалниот, европскиот мир и безбедност, порача Петровска.

Посочи дека европската и евроатлантската интеграција на земјите од Југоисточна Европа ќе биде од огромно значење за регионалната безбедност и стабилност.

Дополни дека успешноста на А5 иницијативата се должи токму на тоа што четири од петте земји станале членки на НАТО и активно придонесувале за безбеднста на регионот.

-Токму затоа се обврзавме дека земјите од иницијативата А5 ќе продолжат да ги поддржуваат сите регионални аспиранти кон целосна евроатлантска интеграција, затоа што сите ние цврсто веруваме дека политиката на отворени врати лежи на основните принципи на на НАТО и А5 инцијативата, изјави Петровска.

Во контекст на глобалната безбедност истакна дека земјите од А5 едногласно ја осудуваат агресијата на Русија врз Украина за која рече дека претставува закана за глобалниот, европскиот и регионалниот мир и безбедност.

Таа очекуваа на следниот министерски состанок кој следната година ќе се одржи во Албанија да биде засилена посветеноста кон регионалниот мир и поинтензивна одбранбена соработка.

На состанокот освен министерката Петровска како предводник на македонската делегација и помошничката на секретарот за одбрана на САД, Селест Валандер, учествуваат и министерот за одбрана на Албанија Нико Пелеши, министерот за одбрана на Црна Гора Драган Краповиќ, заменикот-министер за одбрана на Босна и Херцеговина Славен Галиќ, раководителот за меѓународна безбедносна и одбранбена соработка во хрватското Министерство за одбрана Игор Габриќ. Од земјите набљудувачи на состанокот учествуваат министерот за одбрана на Косово Ејуп Маќедонци, државниот секретар во Министерство за одбрана на Србија Немања Старовиќ и заменик-генералниот директор во Министерство за одбрана на Словенија Аљоша Селан.

САД – Јадранската повелба е основана на 2 мај 2003 година во Тирана како Иницијатива за соработка во одбраната во А-3 контекст (Албанија, Хрватска, Македонија). За време на македонското претседавање со Јадранската повелба, на маргините на 63-то Генерално Собрание на ОН, одржано на 25 септември 2008 година во Њујорк беше донесена одлука за упатување покана за членство на Црна Гора и Босна и Херцеговина во Јадранската група, како поттик за нивното забрзано движење по патот на евроатлантските интеграции.

Јадранската повелба е базирана на заедничката визија за стабилност во Југоисточна Европа и полноправно членство во евроатлантските интеграции. Албанија и Хрватска во 2008 година, Црна Гора во 2017 година и Северна Македонија во 2020 година, како резултат и напорите за развој и достигнување на НАТО стандардите, станаа рамноправни членки на НАТО Алијансата. Во 2023 година со А-5 Иницијативата претседава Република Македонија.

Треба да знаете
Последни објави