Search

Симптоми на дијабетес денес е Светски ден на дијабетесот

Немање континуитет во достапноста на современа терапија, пристап до медицински помагала за мониторинг на гликемијата, како и недостаток од континуирана и структурна едукација се предизвиците со кои се соочуваат пациентите болни од дијабетесот.

 Под мотото „Соочени со предизвиците на дијабетесот во Македонија-дејствуваме пред да стане непоправливо“ денеска Сојузот на здруженија на дијабетичари ќе го одбележи 14 Ноември – Светскиот ден на дијабетесот.

Симптоми на дијабетес

Вообичаени симптоми на дијабетес се зголемена жед и потреба за уринирање, додека невообичаените симптоми на дијабетес вклучуваат болести на непцата или промени во слухот.

Колку побрзо се постави дијагноза, толку побрзо може да се започне и со лекување и со тоа да се придонесе за намалување на ризикот од развој на компликации. Токму затоа е важно да знаете кои се необичните симптоми на дијабетес на кои треба да обрнете внимание.

Пародонтоза

Пародонтозата е сериозна болест на непцата која доведува до повлекување на непцата што може да резултира со клатење или испаѓање на забите.

Пародонтозата е два до три пати почеста кај луѓето кои имаат дијабетес, отколку кај оние кои немаат. Не само што болеста на непцата е почеста кај дијабетичарите, туку кај нив и побрзо се развива и може да биде посериозна.

И додека дијабетесот може да ја влоши парадонтозата, таа исто така може да биде фактор на ризик за развој на висок крвен притисок, кој исто така, е фактор за дијабетес. Всушност, пародонтозата е поврзана со повисоки нивоа на A1Ц, кои го откриваат нивото на шеќер во крвта во последните три месеци.

Хроничното воспаление е една од главните карактеристики во напредувањето и на дијабетесот и на пародонтозата. Луѓето со дијабетес и пародонтоза имаат повеќе воспалителни маркери.

Воспалението кај дијабетесот може да биде фактор кој придонесува за уништување на коските што ги потпираат вашите заби. Ова губење на коскената маса го означува најсериозниот стадиум на пародонтозата, кога забите може да почнат да се нишаат или да паѓаат, пренесува „Хелт“ (Health).

Промени на кожата

Одредени промени на кожата може да бидат првиот знак дека имате дијабетес.

Еден пример е acanthosis nigricans, која се карактеризира со речиси кадифена, темна, често густа дамка на кожата која обично се развива во кожните набори, како што се задниот дел на вратот, пазувите (каде раката се среќава со рамото) и препоните.  Овие дамки може да се појават и на рацете, стапалата, лактите и колената.

Зголемувањето на нивото на инсулин може да предизвика црна акантоза. Инсулинот е хормон кој помага во транспортот на гликозата (шеќерот во крвта) во клетките за да им обезбеди енергија. Понекогаш клетките се спротивставуваат на инсулинот и, како одговор, се произведува повеќе инсулин. Зголемените нивоа на инсулин се показатели за отпорноста на инсулин (инсулинска резистенција), кој е претходник на преддијабетес и дијабетес тип 2.

Чести инфекции

Луѓето со дијабетес имаат зголемен ризик од развој на инфекции. Тoa може да вклучува бактериски инфекции како што се оние околу ноктите или фоликулите на влакната, како и чирови. Различни бактерии можат да ги предизвикаат овие инфекции, но најчеста е стафилокока.

Габичните инфекции исто така може да бидат почести. Најчесто, овие инфекции се предизвикани од габата кандида. Овие инфекции може да се манифестираат како чешање, лишаи, вагинална габична инфекција и атлетско стапало.

Честите инфекции може да се појават поради комбинација на високото ниво на шеќер во крвта што создава средина за раст на бактериите и го ослабува имунолошкиот одговор.

Едно од најчестите места на инфекција кај дијабетесот е уринарниот тракт. Ова може да биде затоа што дијабетесот го ослабува имунолошкиот систем или затоа што дијабетесот ги зафатил нервите до тој степен што мочниот меур повеќе не се празни целосно.

Промени во видот

Одредени промени во видот може да бидат знак дека ви е зголемен шеќерот во крвта. Вишокот шеќер може да ги оштети малите крвни садови во окото и да предизвика промени кои влијаат на јасноста на видот.

Некои од најраните промени на видот може да вклучуваат заматен вид или проблеми со читањето или гледањето предмети кои се далеку. Ако не се лекува, промените на видот може да се влошат и може да видите темни, лебдечки дамки или ленти.

Промени во слухот

Луѓето со дијабетес се исто така изложени на зголемен ризик од губење на слухот. Всушност, дијабетесот го удвојува ризикот од губење на слухот. Тоа е поради оштетување на нервите во ушите кое може да биде предизвикано од високо или ниско ниво шеќер во крвта.

Долгорочното високо ниво на шеќер во крвта може да ги оштети малите крвни садови и нервите во внатрешното уво. Долгорочното ниско ниво на шеќер во крвта може да го оштети начинот на кој нервните сигнали се испраќаат од внатрешното уво до мозокот.

Треба да знаете
Последни објави