Search

Бајден: Болниците во Газа треба да бидат заштитени

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден изјави дека болниците во Појасот Газа треба да бидат заштитени, јавува „Анадолија“.

Во друштво на американската прва дама Џил Бајден, тој присуствуваше на инаугурацијата на иницијатива за истражување поврзано со здравјето на жените во комплексот на Белата куќа, а во таа прилика на прашање на новинарите ја коментираше ситуацијата во Појасот Газа и израелските напади врз болниците и здравствените центри таму.

„Како што знаете, не се воздржувам да ја изразам мојата загриженост за актуелните настани. Моите надежи и очекувања се дека ќе има помалку наметливи акции во однос на болниците и ние сме во контакт со Израелците“, рече Бајден.

Тој рече дека има надеж, но дека болниците треба да се заштитат.

Под изговор дека палестинската група Хамас користи болнички комплекси, Израел со денови врши жестоки напади врз болницата „Ал-Шифа“ во Газа, а Хамас ги отфрла овие израелски обвинувања.

Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, претходно на социјалната мрежа Х напиша дека состојбата во болницата „Ал-Шифа“ е катастрофална и дека бележи драматичен пораст на смртните случаи на пациенти. Тој изјави дека поради недостиг на вода, гориво, струја и лекови, таа болница повеќе не е во можност да дава болнички услуги.

Треба да знаете
Последни објави