Search

Каратето како можност за унапредување на физичкото и психолошкото здравје кај децата

Спортот, особено каратето, може да помогне во надминување на многу здравствени проблеми кои се и од физички, но и од психолошки карактер. Карате тренерот и психолог Зоран Стојановски од Тетово, кој во двете професии е над три децении, во изјава за МИА вели дека има многу примери во кои деца кои почнале да тренираат карате достигнале разни нивоа во надминување на тешкотиите. 

Во контекст на латинската изрека „Во здраво тело, здрав дух“, тој потенцира дека тренирањето на овој спорт значи можност за физички вежби за секој дел од телото, а со тоа и одржување на физичкото здравје. Не помало е влијанието и кај децата кои имаат одредени психолошки потешкотии како што се отежнат говор, аутизам и слично.

Неодамна добил прашање од родители дали тиковите (ненадејни/ненамерни движења или повторливи извици) кај нивното дете може да се надминат со тренирање карате. Во минатото, како што вели, имал такви случаи со позитивен исход, дури и случај во кој дете кое не зборувало, тренирајќи го овој спорт, го надминало проблемот.

– Во каратето има вежби буквално за секој дел од телото, дури и за најмалото ножно прсте. Освен тоа, во каратето се применува и правилно дишење и медитација. Тоа, современите лекари го знаат и затоа од поодамна многу од нив им препорачуваат на родители на деца за одредени здравствени аномалии да вежбаат карате. Каратето што се однесува до физичкото здравје, може многу да им помогне на децата, хармонично да се развиваат, да ги развиваат двете страни на телото како левата, така и десната, да научат правилно да дишат, да стекнат добра кондиција, а сето тоа влијае врз жлездите со внатрешно лачење, од коишто во голема смисла зависи психичкото здравје на децата. Секако, тој холистички модел што значи обостран развој и на психата и на физикусот, секогаш го има во каратето, вели Стојаноски.

Во својата 34-годишна работа со деца, Стојаноски имал повеќе примери каде што деца со психички проблеми, тренирајќи карате, наишле на подобрување. Таков пример е девојче со елективен мутизам, кај кое немало никаква органска пречка за да не зборува, а таа со никого на зборувала, освен со нејзината мајка.

– Благодарејќи на извесни процеси и смислени третмани при карате тренинзите, извесна систематичност во карате тренинзите, поставување на индивидуални цели со тоа дете, проблемот беше успешно решен. Во тој случај, имавме контакти и со училиштето каде што учи детето, што значи дека секогаш кога можеме ги остваруваме тие контакти. Често пати соработката со родителите и наставниците е од голема помош, раскажува Стојаноски.

Според Стојаноски, каратето може да помогне и кај децата со аутизам.  

– Широк е спектарот на можности во каратето при работа со деца. Тоа е можно само со стручен персонал кој е посветен и полн со емпатија. Секако, во Македонија имаме доста лиценцирани тренери, кои ги учат и основите на психологијата. Освен тоа и самата карате вештина претставува филозофско-психолошки систем, така што карате тренерот неминовно мора да се занимава и со психологија. Моето 33-годишно искуство како пенолошки и форензички психолог, а посебно психотерапевтското искуство во ТОПС методата, ми помага во пристапот кон децата во нашиот карате клуб, вели тренерот на карате клубот „Басаи“.

Основната цел на вежбањето карате во клубот, вели Стојаноски, не е ниту победа, ниту пораз, туку градење на карактерот на детето, градење на позитивните навики, како хигиенски, така и работни, спортски и културни.

-Градењето на позитивни ставови за себе, за околината, за почит, за толеранција кон другите, за развивање на емпатија, свесност за опасностите од булинг и начините за справување со него – значи добар карактер којшто ќе му помогне на детето да израсне во зрела личност. За среќа, каратето како многу стара вештина, чиј интегрален дел е бушидо кодексот (карактерен начин на однесување на самураите во општеството), со векови наназад создавала широк дијапазон на техники за градење на карактерот за психички развој на вежбачите, па така во поново време и кај децата. На прво место секако се здравствените навики и здравјето и во таа смисла каратето помага за сестран развој на телото и личноста, потенцира  Стојановски.

Стојановски речиси три децении работел во Воспитно-поправен дом во Тетово на сите позиции за ресоцијализација на деца со тешкотии и нарушувања во однесувањето.

Треба да знаете
Последни објави