Search

Две години мандат на Арсовска – многу повеќе кавги, протести и рокади на директори, многу помалку реализација на проекти

Изминатите денови се навршија точно две години откако Данела Арсовска независна кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ ја доби довербата од граѓаните и стана градоначалничка на Град Скопје. 

„За модерно Скопје“ беше нејзината Програма со која ветуваше трансформација на градот и бројни капитални проекти кои требаше да го променат ликот на Скопје на подобро.

Но денес, може да се заклучи дека малку од она што беше ветено е реализирано. 

Пет нови булевари и пет мега паркови ветуваше Арсовска на изборите во 2021 година, но првите се уште се само на хартија, а вторите иако се неколку пати најавувани, се уште ги нема. 

Клучното ветување на Арсовска беше бесплатен јавен превоз за сите граѓани. 

Но скопјани не само што не добија бесплатен превоз, во неколку наврати дури и воопшто немаа достоен автобуски превоз, откако два месеци приватните превозници не возеа затоа што Арсовска влезе во конфликт со нив.

Потоа се случија и штрајкови на вработените во ЈСП и за првапт во историјата, граѓаните два дена останаа без јавен превоз.

Ова јавно прептријатие под надлежност на Арсовска се уште е во тешка финансиска состојба и неизвесност.

Откако се смири со приватните превозници и ги врати повторно да возат, Арсовска се амбицираше да набави нови еколошки автобуси, но советниците во неколку наврати не и дадоа Градот да се задолжи за да купи нови автобуси.

Арсовска во својата кампања ветуваше и нов луна парк, подземни сообраќајници кај Нова Македонија, зелени коридори на реките Лепенец и Серава, но сите овие проекти, сега за сега постојат само во нејзината предизборна кампања. 

Арсовска се испокара речиси со сите, смени над 35 директори

Веќе во првата година од мандатот, Арсовска почна со чести промени на директорските позиции во јавните установи и претпријатија под нејзина надлежност. 

Потоа, се случи кавгата со ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски кого таа жестоко го обвинуваше дека и се заканувал, затоа што „му ги фатила директорите со рацете во медот“ алудирајќи на проектот за пречистителна станица и тогашниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински од ВМРО-ДПМНЕ, по што Арсовска ги разреши сите директори кои доаѓаа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. 

Но и без кадри од ВМРО-ДПМНЕ, на Арсовска никако не и се погодија  директорите. 

ЈП Водовод и канализација, ЈП Градски Паркинг, Зоолошка градина, се само дел од институциите каде Арсовска смени и по четири до пет директори за помалку од две години, а во во сите установи и претпријатија под надлежност на Арсовска сменети се над 35 директори за помалку од две години.

Јавноста често пати сведочеше на штрајкови во некои јавни претпријатија како Комунална хигиена, Водовод и канализација (каде имаше и тепачки и физичко насилство) на хаос и безредие како во Зоолошката градина.

Наследените проекти останаа буквално да фаќаат р’ѓа и прашина

Кога ја презема функцијата, Арсовска наследи неколку големи проекти кои беа започнати од нејзиниот претходник Петре Шилегов.

Меѓу нив е и реконструкцијата на Универзална сала, за која Арсовска тврдеше дека имала небезбеден проект за реконструкција и одбиваше да ја доврши.

Потоа се договори министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, овој проект да го преземе Миинистерството за култура, но иако одлуката е изгласана во Советот, таа правно се уште не е активна и Универзална сала се уште е под ингеренции на Град Скопје.

Мостот на булеварот АСНОМ што треба да ги поврзе Аеродром и Гази Баба се уште е во иста состојба како што Арсовска го начека. Таа неколку пати се премисли дали да ќе продолжи да го гради, но веќе две години, на мостот нема никаква градежна активност.

Со бавно темпо се гради мостот „Љубљанска“ кој требаше одамна да биде готов, а исто така бавно се гради и клучката кон Качанички пат. 

Што реализираше Арсовска?

Кога се во прашање наследените проекти, Арсовска успеа да го изгради кружниот тек кај Момин поток, кој е дел од гореспоменатата клучка, успеа да ја заврши и изградбата на улицата Есенинова што ги поврзува Аеродром и Кисела Вода. 

Под водство на Арсовска реконструирани се  улиците Рузвелтова, Даме Груев, булеварот Теодосиј Гологанов, кај Клуб на пратеници, како и други помали но важни улици низ скопските општини. 

По две години премислување, од пред некој ден Аровска и официјално реши да го имаплементира населениот проект за брз јавен транспорт и како што соопшти Град Скопје, започнуваат подготовките за негова реализацја. 

Се на се, Арсовска не може многу да се пофали со сработеното.

Наместо за конкретни проекти, во овие две години од нејзиниот мандат, во фокусот на јавноста се нејзините кавги,  честите смени на директори, штрајкови и тепачки по јавни претпријатија…

Треба да знаете
Последни објави