Search

ИДФ ја демолираа куќата на двајца Палестинци осомничени за убиство, САД ја осудуваат таквата практика

Израелската Армија утрово во областа Хеброн, на окупираниот Западен Брег, ја сруши куќата на двајца браќа Палестинци осомничени за убиство на Израелка во август, објавија палестинските медиуми, пренесе Бета.

Како што се наведува, Израелка, мајка на три деца, била убиена летово пред очите на нејзината ќерка, во напад на автомобил во близина на Хеброн, а израелските сили набрзо уапсија двајца браќа осомничени за пукање во кое еден маж беше тешко ранет.

-Израел ги урива домовите на Палестинците осомничени или обвинети за смртоносни напади, а организациите за човекови права ја осудија оваа практика, предупредувајќи дека тоа е колективна казна, наведува Бета.

Во меѓувреме, САД го критикуваа Израел за уривање на семејната куќа на 13-годишното палестинско момче кое во февруари избоде до смрт граничен полицаец.

-Владата на Израел го уништи домот на едно палестинско семејство како одговор на постапките на нивното 13-годишно дете. Цело семејство не треба да го загуби домот поради постапките на едно лице, објави американската Канцеларија за палестински прашања на платформата „X“.

Во средата, големи полициски сили влегоа во бегалскиот камп Шуфат северно од Ерусалим и го демолираа домот на момчето кое избоде до смрт граничен полицаец додека ги проверуваше документите на патниците во автобус на контролен пункт.

Израел ја брани контроверзната практика, тврдејќи дека ги одвраќа Палестинците од понатамошни напади, според израелските медиуми.

Треба да знаете
Последни објави