Search

НАТО ќе го суспендира учеството во Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа

НАТО денеска ја критикуваше одлуката на Русија да се повлече од Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа и соопшти дека планира да го прекине учеството во него за толку долго време колку што е потребно.

„Сојузниците (НАТО) ја осудуваат одлуката на Русија да се повлече од Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа и нејзината воена агресија врз Украина, што е спротивно на целите на тој договор. Повлекувањето на Русија е најновиот во серијата дејствија кои систематски ја поткопуваат евроатлантската безбедност“, се вели во соопштението на НАТО.

„Затоа, како последица на тоа, земјите на НАТО имаат намера да го суспендираат своето учество во Договорот толку долго време колку што е потребно, во согласност со правата според меѓународното право. Оваа одлука ужива целосна поддршка од сите земји на НАТО“, се вели во соопштението.

Претходно денеска Русија официјално се повлече од Договорот, кој наметнува ограничувања за клучните категории на конвенционално оружје. Москва ја оправда својата одлука со тврдењето дека САД ја поткопале безбедноста од крајот на Студената војна со своите акции насочени кон проширување на НАТО.

САД соопштија дека од 7 декември ќе го прекинат учеството во Договорот, јавија светските агенции.

Војната на Русија против Украина и повлекувањето на Русија од Договорот „фундаментално ги менуваат“ условите поврзани со него и ги трансформираат обврските на учесниците, рече советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан. 

Треба да знаете
Последни објави