Search

Красниќи: Лајчак не ни го презентира нацртот за Заедницата на српски општини во Косово

 Претседателот на опозициската Демократска партија на Косово, Мемли Красниќи изјави дека специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, кој од вчера престојува во Приштина, не ѝ го претставил на опозицијата нацртот за Заедницата на општини со мнозинско српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.

По средбата на косовските опозициски претставници со Лајчак во Канцеларијата на ЕУ во Приштина, Касниќи изјави пред медиумите дека емисарот на ЕУ само им рекол дека нацртот е во согласност со Уставот на Косово.

Според него, Владата треба да го презентира овој документ пред граѓаните, како и пред опозицијата.

Красниќи изрази загриженост поради тоа што нацртот не се објавува во јавноста, сомневајќи се дека во него може да има нешто може да наштети на унитарниот карактер на државата, односно, како што рече, дека „ѓаволот се крие во деталите“.

– Нашите состаноци ќе продолжат, но нашата загриженост и понатаму е присутна бидејќи не сме информирани за деталите и како што вели поговорката „ѓаволот се крие во деталите“. Треба да ги видиме деталите од текстот за да бидеме сигурни дека формирањето на Заедницата нема да го промени на полошо унитарниот карактер на нашата држава, рече Красниќи.

Лајчак, кој вчера попладне допатува во ненајавена посета на Косово, објави дека со вицепремиерот и главен преговарач на Косово, Бесник Бислими, со кого се сретна синоќа, постигнал договор за следните чекори во дијалогот меѓу Приштина и Белград.

На неговата страница на платформата „Х“, европскиот емисар објави дека добил потврда од Приштина дека е подготвена да го продолжи дијалогот со Белград.

– Се сретнав со првиот вицепремиер Бесник Бислими, за да го информирам за последната средба со европските лидери во Брисел и за потребата од целосна имплементација на Договорот за патот за нормализација, без одложувања и предуслови. Исто така, се договоривме и за следните чекори, напиша Лајчак.

Посетата на Лајчак на Косово доаѓа десет дена по последните средби во Брисел на 26 октомври, каде косовскиот премиер, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ одделно се сретнаа со лидерите на Германија, Франција, Италија и со претставници на ЕУ.

Пред тие средби, петмина западни емисари, предводени од Лајчак и специјалниот пратеник на американскиот претседател Џо Бајден за Балканот, Габриел Ескобар, во Приштина и во Белград, на 21 октомври, го претставија нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство, за кој рекоа дека е модерен европски модел и чија содржина се уште не е објавена. 

Треба да знаете
Последни објави