Search

Средба Фидан – Блинкен во Анкара

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во Анкара се сретна со американскиот државен секретар Антони Блинкен, јави Анадолија.

Агенцијата информира дека средбата е во тек.

Американскиот државен секретар утринава пристигна во Анкара, но локалните медиуми коментираат дека наишол на студен пречек од домаќинот бидејќи Турција не испратила висок функционер да го пречека на аеродромот.

Според турските медиуми, ниту еден висок турски функционер не отишол да го пречека американскиот секретар на аеродромот Есенбег каде што слетал неговиот авион.

Американскиот државен секретар беше пречекан од заменик-градоначалникот на Анкара и американскиот амбасадор.

Ова е првпат Турција да пречека американски секретар без ниту еден висок функционер.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган остро ја критикуваше израелската офанзива во Газа, нарекувајќи ги акциите „злосторства против човештвото“ и изјави дека ја прекинува комуникацијата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но оти Турција не сака да ги прекине врските со Израел. Турција, исто така, го отповика својот амбасадор во Израел поради, како што наведе, „консултации“.

Блинкен претходно ги посети Израел, Јордан, Западниот Брег, Кипар и Ирак како дел од посетата на земјите од регионот.

Блинкен синоќа за време на ненајавената посета на Ирак рече дека американски функционери работат на обезбедување пауза во борбите во Газа за да се овозможи доставување поголема помош во областа и ослободување на заложниците кои ги држи Хамас.

-Во моментов 100 камиони со помош се движат кон опколената крајбрежна енклава, но тоа е крајно недоволно, изјави Блинкен по посетата на Багдад.

Треба да знаете
Последни објави