Search

Македонските граѓани во банките и штедилниците имаат околу 5,5 милијарди евра, како стоиме споредено со државите од регионот?

На светскиот ден на штедењето, Народната банка на Македонија излезе со податок дека македонските граѓани, во банките и штедлниците имаат депонирано 340 милијарди денари, односно околу 5,5 милијарди евра. 

„Депозитите на домаќинствата, од пандемијата досега, се зголемени за 20%. Во моментов граѓаните им имаат доверено 340 милијарди денари на банките. Кај штедењето на населението се забележуваат поволни структурни промени, при што учеството на денарските во вкупните депозити на домаќинствата има нагорен тренд и изнесува околу 48%. Растат и долгорочните депозити на домаќинствата и во моментов се на највисокото ниво во последните десетина години“ изјави гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска – Бежовска. 

Таа додаде дека граѓаните и натаму најмногу штедат во банките, со учество на депозитите со 62% во нивната вкупна финансиска актива во 2022 година, но сепак, учеството на вложувањата во алтернативни финансиски инструменти исто така се зголемува, со растот на понудата и развојот на финансиските пазари.

Дали штедиме помалку или повеќе од другите држави во регионот?

Според информациите на Народната банка на Србија, вкупните депозити на граѓаните во таа држава се 15,1 милијарда евра, а од нив само една милиајрда од депозитите со во домашна валута. Во тој поглед македонските граѓани повеќе веруваат во домашната валута,отколку српски, односно 48% од депозитите на македонските граѓани се во денари. 

Во Црна Гора, граѓаните во банките чуваат 2,6 милиајрди евра, додека во Босна и Херцеговина вкупните депозити изнесуваат 7,7 милијарди евра. 

Имајќи го предвид бројот на жители и Бруто домашниот производ, Македонија не заостанува многу зад некогашните југословенски републики, во поглед на штедењето.

Во оваа споредба, убедливи рекордери се граѓаните на Хрватска (која за разлика од другите е членка на ЕУ), чии вкупни депозити изнесуваат 37,6 милијарди евра, или според информациите на хрватските медиуми, просечниот депозит на еден граѓанин (во случај сите да штедат) би изнесувал 9.714 евра. 

Штедењето расте и покрај инфлацијата и кризите

Светската економска криза и инфлацијата не влијаеја врз штедните влогови, па така во секоја држава се забележува раст на депозитите. 

Во Македонија тој раст е 20% за две години, а слично е и во Србија и Црна Гора, за истиот период.

Во Хрватска, депозитите за една година пораснале за 7,5%, додека во БИХ растот изнесува 9,5% за една година. 

Она што банкарските институции во речиси сите овие држави го издвојуваат како негативна појава е фактот што голем дел од граѓаните на овие простори, се уште се навиканти своите заштеди да ги чуваат „под перница“ па и не може да се знае точниот износ на пари со кои располагаат граѓаните. 

Треба да знаете
Последни објави