Search

Ердоган: Сите страни во палестинско-израелската војна треба да го прекинат огнот

Сите страни во палестинско-израелската војна треба да го прекинат огнот, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, повикувајќи на итен прекин на огнот.

Говорејќи на состанокот на парламентарната група на Партијата на правдата и развојот (АК) во Анкара, Ердоган рече дека пред 7 октомври, кога изби конфликтот, планирал да го посети Израел, но потоа ги откажал таквите планови, пренесе Анадолија.

Тој рече дека неговата земја никогаш нема да дозволи Израел да врши злосторства.

Речиси половина од загинатите во досегашните израелски напади врз Газа се деца, што покажува дека целта е планираната бруталност да се извршат злосторства против човештвото, рече Ердоган.

Тој посочи дека оние кои во војната на Русија против Украина „се залагаа за светот“ сега молчат за „масакрот“ во Газа, што, како што рече, е „најконкретен израз на лицемерие“.

Ердоган ги обвини земјите надвор од регионот на Блискиот Исток дека само „долеваат масло на огнот“ со поддршката на Израел, додавајќи дека и САД ќе бидат во загуба, бидејќи тие не сакаат праведно да се владее со светот.

Критиките на Турција за неправедната структура на Советот за безбедност на ОН повторно се потврдија со последните случувања, додаде турскиот претседател и потсети дека една од петте постојани членки на Советот за безбедност стави вето на резолуцијата за прекин на огнот на Блискиот Исток.

Ердоган го повтори својот познат слоган за реформи во ОН, велејќи: „Светот е поголем од пет“, алудирајќи на петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН со право на вето, наведува агенцијата.

Ердоган рече и дека „Хамас не е терористичка организација“, туку група „ослободители и муџахедини“ (борци) кои се борат да ја заштитат својата територија и народ.

„Заедничката акција на исламските земји прво ќе доведе до примирје, а потоа до постојан мир на Блискиот Исток“, смета тој.

Еврејскиот народ многу добро знае дека Турција е единствената земја која со векови е без антисемитизам, додаде Ердоган.

„Ги повикувам сите земји со разум и совест да извршат притисок врз владата на Нетанјаху да ја врати државата Израел на здравиот разум“, посочи тој.

Ердоган рече дека Турција е подготвена да биде еден од гарантите на мирот за палестинската страна со своите хуманитарни, политички и воени капацитети.

Треба да знаете
Последни објави