Search

НБС потврди дека разгледувала опција дел од државните резерви да чува во кинески јуани

Народната банка на Србија (НБС) потврди дека разгледувала да чува дел од државните девизни резерви во кинеската валута јуани, што како можност претходно го најави и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Имајќи го предвид високото ниво на девизни резерви, фактот што јуанот е вклучен во валутната структура на надворешниот долг на Србија, како и интернационализацијата на јуанот и неговото растечко значење во глобалните плаќања и на меѓународниот финансиски пазар, Народната банка на Србија како една од опциите за проширување на инвестицискиот универзум ја разгледуваше инвестирање на дел од девизните резерви во средства деноминирани во јуани, изјавија од НБС за порталот N1.

Оттаму додаваат дека се уште не е донесена конкретна одлука, односно дека НБС е во процес на обезбедување на потребните предуслови (инфраструктура) за вклучување на кинескиот пазар на обврзници.

– Конкретните одлуки за инвестирање на одреден дел од девизните резерви во финансиски инструменти деноминирани во јуани, како и во сите други случаи, ќе бидат донесени со внимателно разгледување и анализа на сите неопходни фактори, имајќи предвид дека кинескиот јуан е петта најтргувана меѓународна валута на глобалниот финансиски пазар, воедно и петта најкористена валута во глобалните плаќања, како и шеста валута по учество во глобалните девизни резерви, соопшти НБС.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави во средата во Пекинг, каде Србија го потпиша Договорот за слободна трговија и многу други договори со Кина, дека од јануари 2015 година кинескиот јуан е на списокот на валути на Србија за меѓународниот пазар и дека НБС размислува да ја вклучи кинеската валута во своите девизни резерви.

Треба да знаете
Последни објави