Search

Вучиќ го потврди утрешниот состанок со големата петорка од ЕУ, САД, Франција, Германија и Италија

Службата за соработка со медиумите на претседателот на Србија, соопшти дека Александар Вучиќ утре ќе се сретне со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак, заменикот помошник државен секретар и специјален пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, советниците за надворешна и безбедносна политика на претседателот на Франција и канцеларот на Германија, Емануел Бон и Јенс Плетнер и дипломатскиот советник на премиерот на Италија Франческо Тала, јави дописникот на МИА од Белград.

Во соопштението е наведено дека по средбата нема да има прес-конференција, туку ќе биде проследено соопштение од разговорите.

Претходниот пат големата петорка беше во Белград и Приштина на почетокот на годината, кога се зборуваше за француско-германскиот план договорен во Охрид, кога српскиот претседател изјави дека разговорот бил можеби најтежок до сега.

Повикувајќи се на неименуван извор од западните дипломатски кругови, Демостат соопшти дека неодамнешните настани на Косово, кои драматично ја променија атмосферата, ќе ги принудат соговорниците да побараат конкретна акција: Белград силно и недвосмислено да го осуди неодамнешниот вооружен инцидент, како и двете страни многу посериозно да се вклучат во спроведувањето на Охридскиот договор.

Како што дознава Демостат, таканаречената „голема петорка“ доаѓа со „конкретни барања и рокови“, како и да „претстави конкретни последици доколку одбијат да го спроведат договорот“.

Јохана Дајмел, независна германска аналитичарка за Западен Балкан и Југоисточна Европа, за Демостат кажа дека „Александар Вучиќ е втурнат во ќош по насилството во Бањска“. Како што истакнува: „Квинта сигурно ќе се запраша до кој степен Вучиќ држи се под контрола и колку е кредибилен. Не се само САД тие кои јасно кажаа дека одговорните за 24 септември мора да бидат кривично гонети“.

– Фактот што Вучиќ попрво отпатува во Пекинг отколку на самитот (Берлинскиот процес) во Тирана и што ја игнорираше ЕУ и соседните земји е од мала помош и тој сега веројатно „ќе падне на колена“. Дали Вучиќ навистина сака да влезе во ЕУ? Дали е тој вистинскиот партнер? Ако не, сигурно ќе се размисли за кои точки, на пример, може да се користат насочени санкции кон други луѓе од блискиот круг на Вучиќ, кажа Дајмел.

Таа потсети дека Европскиот парламент веќе ја усвои Резолуцијата и се закани со можни казнени мерки.

– Но, и Аљбин Курти исто така мора да оди напред, доколку не сака да го доведе во прашање воведувањето на безвизниот режим почнувајќи од 2024 година, оценува Дајмел.

Треба да знаете
Последни објави