Search

Сунак: Велика Британија се солидаризира со Израел, но важна е хуманитарната помош за Газа

Британскиот премиер Риши Сунак денеска во Ерусалим во разговор со израелскиот претседател Исак Херцог изјави дека Велика Британија стои во солидарноста со Израел по нападот на Хамас, но во исто време нагласи дека е важно и да се обезбеди хуманитарна помош за Палестинците во Појасот Газа.

Сунак нагласи дека Британија го поддржува народот на Израел и неговото право да се бранат за да ја вратат безбедноста на својата земја и да овозможат безбедно ослободување на заложниците кои ги држи Хамас во Појасот Газа.

Сунак рече дека Палестинците се жртви на она што го направи Хамас и дека е важно да продолжи да обезбедува хуманитарна помош за палестинските цивили.

Претседателот на Израел го критикуваше начинот на кој Би-Би-Си, како што наведе, „ги искривува фактите“ кога известува за израелско-палестинскиот конфликт.

Херцог рече дека сака да го покрене прашањето за објективноста на известувањето за таа трагедија, објави „Тајмс оф Израел“, наведувајќи дека британскиот премиер кимнал со главата, насмевнувајќи се.

– Ние веруваме дека начинот на кој Би-Би-Си го карактеризира Хамас претставува искривување на фактите. Имаме работа со една од најлошите терористички организации во светот…, истакна Херцог, наведувајќи дека британскиот јавен сервис така треба да ја дефинира милитантната палестинска група. – Што друго треба да видат за да сфатат дека ова е ужасна терористичка организација?, праша Херцог.

Би-Би-Си одбива да ги нарече членовите на Хамас „терористи“.

Сунак одговори дека нападот на Хамас на југот на Израел треба да се нарече со неговото вистинско име, односно да се каже дека е терористички чин извршен од, како што наведе, „злобната терористичка организација Хамас“.

По средбата на Херцог, Сунак имаше состанок и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а на заедничка прес-конференција изјави дека Велика Британија ќе се солидаризира со Израел и сака негова победа.

„Ќе бидеме солидарни, ќе бидеме со вашиот народ. Сакаме да победите“, рече Сунак по средбата со Нетанјаху, додавајќи дека Израел од своето основање секојдневно преживува насилство и тероризам, пренесува Би-Би-Си.

Тој посочи дека Велика Британија ќе го поддржи правото на Израел да се брани во согласност со меѓународното право, како и правото да го нападне Хамас.

Сунак додаде дека знае дека Израел „напорно работи“ за да ги заштити цивилите, што е „директна спротивност“ од она што го прави палестинската милитантна група Хамас.

Британскиот премиер, исто така истакна дека сите се шокирани од сцените од експлозијата во болницата Ал Ахли во Појасот Газа и нагласи дека и палестинските цивили се жртви на Хамас.

Тој ја поздрави одлуката на израелските власти да дозволат испраќање помош во Газа од Египет.

Нетанјаху му се заблагодари на британскиот премиер за доаѓањето во Израел, велејќи дека длабоко ја цени неговата поддршка. – Британците се бореа со нацистите пред 80 години. Членовите на Хамас се новите нацисти, рече израелскиот премиер.

Тој посочи дека војната меѓу Израел и Хамас е конфликт меѓу „цивилизираниот, слободен“ свет и современите арапски земји против „оската на злото“ која ги вклучува Хамас, Хезболах и Иран. – Ова е нашиот најмрачен момент. Затоа ја ценам вашата поддршка. Мораме да победиме заедно, му порача Нетанјаху на својот британски колега.

Според него, тоа значи дека ова ќе биде долга војна, и дека на Израел ќе му треба постојана поддршка.

– Ќе има подеми, падови и тешкотии. Луѓето се обединети овде. Ни треба тоа единство и постојана поддршка, посочи Нетанјаху.

Треба да знаете
Последни објави