Search

ЕУ загрижена за безбедноста откао откри дека пет карипски држави продале 88.000 „златни пасоши“

ЕУ изрази загриженост за безбедноста во врска со трговијата со „златни пасоши“ и вети дека ќе ги заостри визните контроли откако откри дека пет карипски држави продале државјанства на 88.000 поединци од земји како Иран, Русија и Кина.

Извештајот објавен од страна на Европската комисија во средата за прв пат ги прикажува вистинските размери на трговијата со пасоши на Карибите. Голем број земји продаваат државјанство на странски државјани, со цени почнувајќи од 100.000 долари  по глава.

Според условите на шемата купувачите не требале да имаат дом таму, па дури ни да ја посетат земјата.

Комисијата соопшти дека на оние кои добиле второ државјанство им било дури дозволено да ги менуваат имињата и идентитетот. Ваквите практики може да ги попречат граничните контроли и спроведувањето санкции или налози за апсење на Интерпол.

Доминика, остров со население од нешто повеќе од 70.000 жители, има издадено 34.500 пасоши, се тврди во извештајот. Бројката е повеќе од четири пати поголема од вкупниот број што претходно го откри владата на Доминика. Сент Китс и Невис, со население од 48.000 луѓе, има издадено 36.700 пасоши, двојно повеќе од она издадено до 2018 година.

Соопштението следи по објавувањето на истрага на Гардијан и други медиумски организации во партнерство со Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP), кој го испитуваше државјанството на Доминика по инвестициска шема.

Продажбата на пасоши во Доминика се зголеми по 2015 година, кога на граѓаните на голем број карипски држави им беше дадена дозвола да патуваат во повеќето земји-членки на ЕУ без виза 90 дена во годината. Сент Китс постигна договор за безвизно патување со ЕУ во 2009 година. Генерално, ЕУ има договори за безвизно патување со 60 земји.

Комисијата предлага ревизија на регулативите, велејќи дека е загрижена дека златните пасоши би можеле да овозможат „инфилтрација на организиран криминал, перење пари, даночно затајување и корупција“. Таа сака моќ да го суспендира визното ослободување за земјите кои продаваат државјанства на купувачи кои немаат „вистинска врска“ со земјата.

Комесарката за внатрешни работи на ЕУ, Илва Јохансон, рече: „Имаме земји во безвизен режим со ЕУ кои продаваат пасоши/државјанства прилично евтино на луѓе кои претставуваат безбедносни ризици или потенцијални безбедносни ризици за ЕУ.

Јохансон, исто така, изрази загриженост за миграцијата, велејќи им на новинарите дека 150.000 патници ги искористиле аранжманите за безвизно патување за да влезат во ЕУ и потоа да побараат азил.

Исто така, изрази загриженост за националноста на имателите на златни пасоши, велејќи дека повеќето апликанти дошле од Кина и Русија, Сирија, Иран, Ирак, Јемен, Нигерија и Либија – сите земји кои имаат високо ниво на перцепирана корупција.

„Безвизниот пристап до ЕУ не треба да се користи како комерцијална стока што треба да се продава и купува“, се вели во извештајот.

Маргаритис Схинас, потпретседателот на Европската комисија кој ги координира миграциските промени, рече дека правилата треба да се „заострат“ со список на „нови причини за суспендирање на визите“.

Треба да знаете
Последни објави