Search

Курти: Постојаните закани од Србија го загрозуваат мирот во Косово, но и во целиот регион

Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека постојат докази за низа дејствија кои Србија ги презема долж границата со Косово, а кои, според него, ги поткопуваат мирот и стабилноста, не само во Косово, туку и во целиот регион.

Во своето денешно обраќање пред Академијата за јавна безбедност на Косово, Курти рече дека Србија со своите постапки продолжува воено да му се заканува на Косово.

– Србија продолжува воено да ѝ се заканува на Република Косово, до тој степен што ја поставува својата воена артилерија околу нашата граница. Покрај тоа, има изградено 48 предни или офанзивни бази, како и 28 воени и 20 жандармериски бази околу нашата граница. Тоа го направи долж нашата гранична линија, долга 381 километар и претставува постојана закана за безбедноста на нашата земја, рече Курти.

Меѓутоа, порача тој, непријателските дејствија на Белград кон Косово воедно ги загрозуваат мирот и стабилноста во целиот регион.

– Опасните дејствија на Србија, нејзините територијални претензии кон Република Косово и борбата против нашата државност со сите можни механизми, ги поткопуваат мирот и стабилноста во регионот и пошироко, рече Курти, според соопштението на службата за информирање на неговата кабинет.

Косовскиот премиер истакна дека неговата влада е секогаш посветена на справувањето со актуелните предизвици во земјата, „но и на решавање на споровите со соседите преку дијалог, особено со Србија, како рамноправни страни, врз основа на принципите на реципроцитет и взаемно признавање меѓу државите“.

– Овие принципи за нас се гаранција за траен мир и долгорочна стабилност во нашиот регион, додаде Курти.

Тој изјави дека институциите на Косово секојдневно се посветени на градење безбедна држава.

– Да ги подигнеме и зајакнеме нашите капацитети за заштита на нашата земја и народ. Како сериозни и доверливи партнери на нашите сојузници, ние придонесуваме за регионалниот мир и безбедност, рече Курти.

Во услови на „актуелните глобални безбедносни предизвици“, порача Курти, „неопходно е да се помогне, да се соработува и да се комуницира со сите држави кои се потпираат на демократските вредности, да се справиме со тероризмот и злосторствата кои ја загрозуваат безбедноста на државите и народите насекаде во светот“.

Треба да знаете
Последни објави