Search

Фиренца ги забранува новите Airbnb краткорочни изнајмувања во историскиот центар на градот

Фиренца, една од најпопуларните туристички дестинации во Италија, ги забрани новите краткорочни станбени дозволи на платформи како што е Airbnb во нејзиниот историски центар, како најнов потег на локалната власт да се обиде да ослободи домови за локалното население, објави Гардиен.

Правилата, одобрени од тосканскиот град доцна во понеделникот, нудат и тригодишни даночни олеснувања за сопствениците на постојните краткорочни закупнини, доколку се префрлат на обични закупи.

Градоначалникот на Фиренца, Дарио Нардела, рече дека градот одлучил да дејствува локално бидејќи плановите на владата да го регулира овој сектор биле разочарувачки.

„Во 2016 година имавме нешто помалку од 6.000 станови наведени на Airbnb. Денес имаме речиси 14.378“, рече тој, истакнувајќи дека за тоа време просечната цена на обичните месечни станбени кирии пораснала за 42%.

Годинава цените се зголемени за 15,1%, рече Нардела. „40.000 фирентинци кои живеат во центарот се жалат дека наеднаш се нашле во ситуација како да живеат во апартмани-хотели“, додаде тој.

Нардела е член на централно-левичарската Демократска партија, дел од опозицијата на национално ниво.

Како и во другите европски земји, ниските плати, недостигот на имот, краткорочните изнајмувања за одмор и високата инфлација ја поттикнаа станбената криза во Италија, при што особено беа погодени лица со ниски примања и студентите.

Марко Стела, регионален координатор на партијата Форца Италија, дел од десничарската владејачка коалиција, рече дека ќе поднесе жалба до управниот суд против потегот на Фиренца.

Лоренцо Фањони, претседател на Property Managers Italia, здружение на претприемачи за изнајмување сместување за туристи, рече дека правилата се „целосно погрешен избор што се коси со либерализмот на пазарот“.

Централната влада работи на предлог-закон со кој, според пишувањата на медиумите, ќе се бара минимум престој од две ноќевања во имоти во историските центри на градовите и општините со голема густина на туристи.

Секој станбен имот изнајмен на туристи ќе има потреба од национален код за идентификација за да помогне во следењето и регулирањето на наемнината. Оние кои нема да се придржуваат ќе ризикуваат казна до 5.000 евра.

Треба да знаете
Последни објави