Search

Градска.мк: Дали македонската химна е маска за нереализираните проекти на Муцунски?

Одлуката на градоначалникот Тимчо Муцунски за интонирање на македонската химна во основните училишта можеби е обид да се прикрие недоволната ефикасност на општина Аеродром, анализира порталот Градска.мк.

Со оглед на тоа дека во оваа општина се уште има училишта кои работат во три смени, а не се обезбедени ниту учебници во училиштата, градинките едвај згрижуваат доволно деца, Муцунски ги воскреснува старите „реформски идеи“ од времето на поранешниот премиер Никола Груевски.

За потсетување химната беше интонирана еднаш неделно во 2014 година, за во 2015 година да се интонира секојдневно, кога градоначалник на општината беше Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ, а министер за образование Панче Кралев. По одреден период химната се интонираше само во понеделник, но и тоа престана и повторна иницијатива имаше во 2017 година, пишува Градска.мк

Што се случува со капиталните проекти?

Иако наследи полна општинска каса, за половина мандат Тимчо Муцунски не успеа да започне ниту една капитална инвестиција. Тој вети четири нови градинки во населбите Мичурин, Острово, Лисиче и Долоно Лисиче, од кои најмалку една требаше да биде пуштена во употреба до крајот на 2022 година, останатите до крајот 2023 година. Половина мандат помина, нова градинка во Аеродром нема.

-Во првата половина од мандатот Муцунски вети и проширување на објектите на градинките Сонце и Лале, како и реконструкција на градинката во населба Лисиче. Ништо и од овие ветувања. Никако да му се израдуваме и на паркот Радост на 6.000 метри квадратни во Реонски центар кај станицата за технички преглед. Требаше да биде готов уште лани. Мицкоски присуствуваше на почетокот на активностите за подигнување на паркот. Во првата половина од мандатот на Муцунски, Општина Аеродром требаше да добие и нова гимназија, нова општинска зграда, нов кружен тек меѓу Мичурин и Стар Аеродром, нов мулрифункционален центар со простории за младински центар, нов спортски центар „Пирин“ во населба Лисиче, нова спортска сала во Долно Лисиче, Музеј на МЗТ, кино сала и театарска сцена во Ново Лисиче. Ништо од ова не е реализирано и нема да биде реализирано ни до крајот на мандатот , потврди координаторот на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на општина Аеродром.

Исто така не е формиран ниту ветениот енергетски фонд за реконструкција на фасадите на зградите во Аеродром, планиран за 2022 година. Еднократната помош за новороденче требаше да биде зголемена од 8.000 на 20.000 денари до крајот на 2022 година.

Целата анализа на следниот линк

Треба да знаете
Последни објави