Search

Аташе за земјоделство во Германската амбасада во Скопје ќе биде надлежен за земјава, но и за цел Западен Балкан

 Во Германската амбасада во Скопје од јануари 2024 година ќе биде назначен аташе за земјоделство, кој освен за земјава, ќе биде надлежен и за цел Западен Балкан. Се работи за Франк Милер, германски дипломат вработен во Германското сојузно министерство за земјоделство и храна, кој до скоро работел во Киев.

Целта на неговата позиција, како што соопшти денеска германскиот сојузен министер за земјоделство и храна, Џем Оздемир, ќе биде интензивирање на соработката во агро секторот.

-Би сакал да најавам нешто. Франк Милер, еден од нашите најдобри колеги вработени во Министерството кој до неодамна беше во Киев и беше еден од првите дипломати што се врати во Германската амбасада и работеше во Киев, ќе биде аташе во Германската амбасада во Скопје како претставник на Сојузното министерство за храна и за земјоделство и тој нема да биде надлежен само за Северна Македонија, туку за целиот Западен Балкан. Целта на оваа позиција на Милер ќе биде интензивирање на соработката во оваа област. СР Германија навистина го поддржува пристапниот процес на Северна Македонија и ќе направи се што може за да го поддржи вашиот пат кон полноправно членство во ЕУ, рече Оздемир по билатералната средба со својот домаќин, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Милер ќе треба да ги обедини земјите од Западен Балкан за заедничко унапредување на земјоделскиот сектор. 

Треба да знаете
Последни објави