Search

Поради чести одрони се препорачува многу внимателно возење по патиштата во Дебарско

 Обилните врнежи од дожд, кои продолжуваат и во текот на денов, на патните правци, во поширокиот дебарски регион, предизвикаа чести одрони, каде сообраќајот се одвива непречено, но се препорачува внимателно возење.

-Поради обилните дождови на патните правци под наша надлежност има чести одрони од камен и земја, по што е познат нашиот регион. Поради тоа но и влажните коловози препорачуваме многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација. Наши екипи се постојано на терен, со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот, рече за МИА, Деар Лиманоски, раководител на дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.

Вообичаено на патниот правец Дебар – Маврово најчести се одроните кај селата Рајчица, Косоврасти и Јанче, месноста Ростушки Мост, потоа во близина на Бигорски манастир и месноста „Сенечки ливади“, на патот кон Струга кај месноста „Три чешми“, како и месноста „Кокошкина краста“ на патот Мелнички Мост-Центар Жупа.

Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар-Маврово), Дебар- Глобочица (патен правец Дебар-Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, потоа кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост-Центар Жупа или над 110 километри.

Дожд секако позитивно ќе влијае во зголемувањето на дотеците на реките и потоците во овој регион, што пак ќе услови зголемен дотек на вода во акумулацијата на Хидроелектраната „Шпилје“.

Треба да знаете
Последни објави