Search

Шахистите на Алкалоид ја победија Полска и се вратија во игра за медал на Светското екипно првенство

Шахистите на Алкалоид со победата над селекцијата на Полска изразена со 2,5:1,5 во 5. коло се вратија во игра за медал на Светското екипно првенство за сениори (категорија над 50 години), што се игра во Струга.

„Фармацевтите“ до победата дојдоа благодарение на велемајсторот Звонко Станојоски, кој на третата табла го надигра Павел Фис и освои цел поен. 

– Кога играм индивидуално е мошне поразлично: во некои нејасни позиции знам да ја заострам ситуацијата, но кога се игра за тимот преферирам да играм посигурно, бидејќи е многу поважно да не се загуби една партија, а победата може да биде одлучена и на друга табла. Расположен сум за натамошно надигрување, добро сме мотивирани сите и сакам да направиме резултат. Последнава година имам освоено четири пехари, од кои што едниот е на поединечното, а другиот на екипното државно првенство. Би бил среќен ако ја завршам годината со освојување на петти трофеј, заедно со колегите на овој турнир. Се издвојуваат пет шест екипи, но Американците се благи фаворити. Конечниот изглед на табелата ќе биде одучен низ директните дуели, вели ВМ Звонко Станојоски.

На другите три табли партиите завршија со реми. Кирил Георгиев на првата табла, Трајко Недев на втората и Роландо Кутиров на четвртата освоија по пола поен.

Во шестото коло Алкалоид ќе игра против второрангираната репрезентација на турнирот, првата селекција на Англија.

На турнирот за играчи над 50 години вчерашниот меч меѓу селекцијата на слепи и слабовидни шахисти на Македонија и селекцијата на македонските шахистки заврши нерешено 2:2, со реми на сите четири табли, додека селекцијата на ветерани во категоријата над 65 години беше поразена од Велс со 3:1.

Треба да знаете
Последни објави