Search

Кризата со недвижностите во Шведска го погоди и најголемиот пензиски фонд

Кризата со недвижностите во Шведска добива помрачни контури, а во проблемите сега индиректно се вклучени и најголемите пензиски фондови во таа земја.

Според Ројтерс, во последните месеци владата во Стокхолм упорно ги минимизира ефектите од проблемите на развивачите на недвижнини, повторувајќи ја истата порака: одделни компании се во неволја, а не државата.

Меѓутоа, проблемите со солвентноста на Хајмстаден Бостад, инвеститорот чие портфолио со недвижнини во вредност од 30 милијарди долари се протега од Стокхолм до Берлин, го вовлече најголемиот шведски пензиски фонд во приказната. По СББ, ова веќе е втора голема компанија за недвижности во земјава која се најде во финансиски проблеми. Пред десет дена пензискиот фонд Алекта, кој има 38 отсто од акциите во Хајмстаден Бостад, објави дека има намера да учествува во докапитализацијата на таа компанија за недвижнини, една од најголемите во Европа. Swedbank проценува дека Хајмстаден Бостад има приближно 30 милијарди круни (2,7 милијарди долари) помалку од своите клиенти. Проблемите на компанијата го привлекоа вниманието на шведскиот финансиски регулатор, кој почна да истражува зошто и како Алекта претходно инвестираше 4,5 милијарди долари во Хајмстаден.

Веста за проблемите во Хајмстаден покажува дека кризата со недвижностите несомнено е продлабочена во Шведска, земја која меѓу европските земји минува низ најсилниот шок на тој пазар предизвикан од силниот пораст на каматните стапки кој наеднаш го заврши период долг повеќе од една деценија на многу поволни заеми. Од врвот во март 2022 година, цените на недвижностите во Шведска моментално се за околу 20 отсто пониски во просек.

Шведска е најголемата скандинавска економија и една од најбогатите земји во Европа, но има една Ахилова пета – пазарот на недвижности порасна со банкарски заеми во вредност од огромни четири трилиони круни (360 милијарди долари). За размерите на проблемот доволно говори и фактот што Швеѓаните, од кои во земјава има 10 милиони, се двојно позадолжени од Германците или Италијанците.

Но, посебен проблем е што секој друг кредитобарател има станбен кредит со променлива каматна стапка. Потенцијалот за проблеми беше препознаен од страна на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) претходно оваа година, предупредувајќи на почетокот на оваа година дека рекордно високиот износ на станбени кредити во комбинација со компаниите за комерцијални недвижности чие работење се базира на заеми од локалните банки претставува ризик за финансиската стабилност на земјата.

Како што се шири кризата со недвижностите, владата се подготвува за интервенција, истовремено „вкрстувајќи ги прстите“ дека нејзината инволвираност сепак нема да биде потребна. Во овој контекст, Каролина Екхолм, шеф на Канцеларијата за долгови што ги надгледува државните финансии, на почетокот на годинава изјави дека Шведска е земја со ниска задолженост и дека може да си дозволи дополнително задолжување за да интервенира на пазарот на недвижности и да ја зајакне финансиската стабилност на земјата.

Оваа интервенција може да се движи од обезбедување гаранции за заеми до субвенционирање на кредити, вели поранешниот функционер на централната банка. Сепак, извор на Ројтерс запознаен со размислувањата на официјален Стокхолм истакнува дека владата е подготвена начелно да помогне, но сепак се плаши од политичката штета што би можела да ја има од тој потег.

Додека каматните стапки продолжуваат да растат, аналитичарот на Danske Bank Маркус Густавсон смета дека најлошото сè уште не е завршено. Имено, цените на становите и куќите досега паднаа за 10 отсто, а Густавсон оценува дека се само на половина пат од потенцијалниот пад. Инаку, ова не е прва криза со недвижностите низ која поминува Шведска, па владата може да ги искористи претходните искуства.

Бо Лундгрен, поранешен министер за фискални и финансиски прашања, вели дека повеќегодишниот период на ниски каматни стапки ги навел граѓаните да веруваат дека тоа е нормална ситуација. „Мислам дека централната банка направи голема грешка“, смета Лундгрен. Од тие институции одговараат дека подолго време предупредуваат за ризикот што се создава на пазарот на недвижности.

Треба да знаете
Последни објави