Search

Големо свлечиште во Шведска урна дел од автопат, возила паднаа во дупки

Голем дел од автопатот на југозападот на Шведска се урна во текот на ноќта, а три лица со полесни повреди се хоспитализирани, соопшти денеска полицијата.

Свлечиштето го оштети автопатот меѓу вториот по големина град во Шведска, Гетеборг и главниот град на Норвешка, Осло, во близина на малиот град Стенунгсунд, на околу 50 километри северно од Гетеборг.

Одронот затрупа десетина возила, шумска површина и деловна површина со бензинска пумпа и ресторан за брза храна, соопштија од спасувачките служби.

Голем број луѓе ги напуштија возилата со помош на пожарникарски персонал и хеликоптери и беа евакуирани од зоната на свлечиште. Неколку автомобили и камион паднале во дупки и пукнатини предизвикани од одронот, јави шведската новинска агенција ТТ.

Портпаролот на спасувачката служба за јавниот радиодифузен сервис СВТ изјави дека на сите луѓе во возилата им е укажана помош.

„Најтешко погодените делови од областа на свлечиштето се со големина од околу 150 x 100 метри. Сепак, вкупно свлечиштето зафати површина од околу 700 x 200 метри“, се вели во соопштението на спасувачката служба во Гетеборг.

Се додава дека специјално обучен персонал и кучиња трагачи ќе ја пребаруваат областа и дека не може да се исклучи можноста за нови лизгања на земјиштето.

Треба да знаете
Последни објави