Search

Редовни авионски линии од Скопје до Измир и Анталија со SunExpress и во зимскиот ред на летање

Со почетокот на зимската сезона 2023/2024, авиокомпанија за рекреативни патувања, SunExpress, продолжува да лета од Меѓународниот Аеродром Скопје до Измир и Анталија со редовни летови во текот на целата година, најавија од ТАВ Аеродроми.   

-Продолжувањето на летовите до Измир и Анталија на SunExpress и нивното додавање на распоредот на редовни летови во рамките на зимскиот ред на летање на Меѓународниот Аеродром Скопје, ќе биде одлична можност за патниците и туристите да ги посетат овие два турски туристички града надвор од летните горештини и да уживаат во двата града во текот на целата година, како и обратно, луѓето од Турција да ги посетат Скопје и Северна Македонија, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Од 1 и 3 ноември, соодветно, летовите до Измир и Анталија нема повеќе да сообраќаат како чартер-летови, односно, нема да бидат врзани со пакет-аранжмани преку туристички агенции. Авио-билетите за Измир и Анталија, отсега па натаму, ќе може да се резервираат директно преку веб страницата на SunExpress.   

-Среќни сме што ја зајакнуваме оваа врска со Северна Македонија. Со редовните летови уште повеќе ги зближуваме Турција и Северна Македонија, давајќи им можност на луѓето од Скопје да уживаат во прекрасните плажи на Измир и Анталија и доближувајќи ги турските патници до скопското Кале, изјави Питер Глејд, комерцијален директор на SunExpress.

На овие редовни летови, SunExpress ќе лета со својата најбезбедна и модерна флота во Европа, со авион Боинг 737, со капацитет за седење од 189 патници, со два лета неделно, до Измир и два лета неделно, до Анталија. Летовите до Измир ќе бидат секој петок и недела, а летовите до Анталија секоја среда и сабота.

Треба да знаете
Последни објави