Search

Во повеќе одвоени случаи, спасени над 250 бегалци и мигранти на грчките острови

Во текот на вчерашниот ден, Крајбрежната служба на Грција, во девет одвоени случаи во близина на три грчки острови спасила вкупно 259 бегалци и мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.

Доколку се анализираат официјалните соопштенија од Крајбрежната служба, од случаите, најголемиот дел се во морските области на Лезбос и Самос, односно островите што се во близина на турското крајбрежје.

На Самос, во четири случаи биле спасени вкупно 129 лица, меѓу кои и деца, откриени во морските делови и во добра здравствена состојба, сите биле безбедно пренесени во затворениот центар за прием на бегалци и мигранти.

Поконкретно, како што соопштија од Крајбрежната служба, од патролен брод бил пронајден чамец со 22 мажи, 10 жени и девет деца, од друг патролен брод бил откриен уште еден чамец со 23 лица (18 мажи, три жени и две деца), а од хеликоптер бил лоциран чамец со 30 бегалци и мигранти (18 мажи, шест жени, шест деца).

Дополнително биле информирани за чамец со мигранти во турските територијални води, меѓутоа не бил запрен од турскиот патролен брод и навлегол во грчките територијални води каде што биле спасени 35 лица (21 маж, четири жени и десет деца).

Од друга страна, во близина на Лезбос, исто така вчера, биле спасени вкупно 114 бегалци и мигранти, кои во четири одвоени случаи, со четири чамци се обиделе да стигнат до островот. 

Во едниот гумен чамец имало 18 лица, во другиот 32, во третиот 21, а во четвртиот 43 бегалци и мигранти.

Сите, безбедно биле пренесени на пристаништето во Митилини, а оттаму во центарот за прием и регистрација на бегалци и мигранти.

Во близина на островот Хиос, авион на Крајбрежната служба открил непловен гумен чамец од кој биле спасени 16 лица.

Треба да знаете
Последни објави