Search

Центар на 112 – хероите зад телефоните што секојдневно спасуваат животи

Десеттина мажи и жени, седнати пред своите компјутери, со слушалки на главата, внимателно го очекуваат секој повик во центарот 112, а потоа љубезно и смирено го поврзуваат оној кој бара помош со надлежните служби (полиција, пожарна, итна помош)

Ова е сликата што ќе ве пречека кога ќе влезете во централата, која е дел од зградата на Центарот за управување со кризи. 

Единствениот повикувачки број 112 повеќе од една година функционира и во Македонија со што нашата држава им се придружи на земјите членки на ЕУ кои одамна го користат овој број. 

Од 2.000 до 2.500 повици на ниво на државата се примаат секој ден во централата во Скопје, но и во останати седум македонски градови распоредени по планските региони. 

Како функционира 112? 

Со повик на бројот 112 за неколку секунди ќе го добиете првиот слободен оператор на кој треба да му ја кажете ситуацијата и каква помош барате. 

Веднаш потоа соодветно на локацијата каде се наоѓате, операторот врши повик до МВР, Итна медицинска помош или противпожарна бригада, по што се отвора конференциска врска. 

Операторот во централата на 112 го поврзува барателот на помош со одговорното лице во надлежната институција, по што екипите се упатуваат на терен. 

Доколку операторот пријави до институцијата, тогаш претставници од таа институција се должни да излезат на терен. 

Во зависност од локацијата и временските услови, помошта пристига во просек за 20ина минути од моментот на пријавување. 

Сервисот 112 за помалку од неколку секунди ги собира координатите од мобилниот телефон на оној кој се јавува, па во централата уште при приемот на повикот, се знае точно од каде тој доаѓа. 

Бројот што буквално спасува животи во последни мигови

Изминатово лето, имаше бројни примери, за тоа како преку бројот 112 речиси во последни мигови се спасени човечки животи. 

Еден од последните, и можеби најпотресни случаи беше пред десеттина денови, кога осумгодишно дете, пријавило дека неговиот татко е тешко повреден по излетување од патот, на патниот правец Дреново – Кавадрци. 

Благодарение на присебноста на детото, но и на врвната обученост на одговорните лица кои цело време биле на линија со детето и тоа и неговиот татко биле навреме пронајдени и спасени. 

Свежи се сеќавањата и на холаднскиот турист кој со параглајдер падна на планината Галичица, откако грчки турист го забележел падот, пријавил на 112, по што параглајдеристот и покрај тешкиот непристапен терен, со помош на хеликоптер на МВР бил спасен и однесен во болница. 

Колку е важно функционирањето на 112 и поврзувањето со останатите земји кои го користат единствениот повикувачки број, докажува и случајот со романскиот турист кој доживеал срцев удар во Гевгелија. 

Поради близината до границата, неговиот повик бил регистриран од грчката централа, по што Грците пријавиле во македонската централа и романскиот турист бил спасен. 

Модерните телефони и автомобили едноставно и за неколку секунди ѕвонат на 112

Летово имаше случај кога телефон на граѓанин автоматски го повикал 112 по случена сообраќајна несреќа.

Оваа опција сега за сега е достапна само за последната генерација на моделот Ајфон, кој препознава брзина на движење и судир на возилото, но, она што е интересно и што секој треба да го знае е и дека секој друг модерен смартфон има опција за брзо повикување на 112.

Во случај на тешка повреда, напад или слично, со панично притискање од пет до шест пати на копчето за гаснење или копчето за тон на телефонот, телефонот прави повик кон 112 при што имате пет секунди да го откажете повикот.  

Ваква опција имаат и неколку понови модели на автомобили, преку опцијата eCall кои можат веднаш да го повикаат центарот 112.

За жал, оваа опција се уште не е достапна на автомобилите за македонскиот пазар, но од ЦУК прават напори и преговараат со македонските увозници на нови автомобили, оваа опција да биде достапна и за нашата држава. 

Кој сѐ и што сѐ се пријавува?

Меѓу оние 2000 и 2500 повици, околу 40 отсто се непродуктивни велат од ЦУК. објаснувајќи дека за непродуктивни повици ги сметаат оние кои се јавуваат без да пријават каков било повик за помош. 

Па така, се случувало некој да се јави и да праша колку е точно часот, дали ќе доцни одреден воз и слично, но од центарот 112 предупредуваат дека лажното пријавување и намерното држење на линијата подлежи на одговорност и може да биде санкционирано. 

Меѓу илјадниците повици кон 112 има и такви на осамени лица во поодминати години или лица со одреден степен на деменција кои се јавуваат затоа што се чувствуваат осамено и им треба разговор.

Имало и повици за спасување мачки заглавени на дрво или на покрив, но и за аститенција за венсување и изнесување тешко подвижни и обезни лица. 

„Понекогаш кога некој ќе се јави се обидуваме да даде совет, како да се постапи и се обидуваме ако станува збор за некој минорен проблем, самите од тука да му дадеме упаства на човекот кој бара помош, без да го поврзуваме со инситуциите и затоа проценката, смиреноста и досегашното искуство во нашата работа се од одгромно значење“ вели една од вработените операторки.

Централата во Скопје работи 24 часа во денот, седум дена во неделата, работни јазици се македонскиот, албанскиот и англискиот, иако одредени оператори се служат и со германски, француски, грчки и руски јазик. 

Дека станува збор за стресна професија, каде секојденвно се соочуваат со несреќи, каде често пати слушаат плач, лелеци и апели за помош, се сложуваат сите во 112, но тоа не ги обесхрабрува секојдневно 24 часа да бидат достапни за граѓаните, а од нивните лица постојано да зрачи смиреност, професионалност и љубезен тон.

Треба да знаете
Последни објави